Нордиецот Ставре Јада ги започна подготовките за новата сезона

1078

Македонскиот нордиец, олимпиецот од Пјонгчанг 2018-та, Ставре Јада (20) по кратката пауза веќе ги започна подготовките за новата сезона во која го очекуваат голем број меѓународни натпреварувања.

– Зад мене е напорна, но и успешна сезона која кулминираше со настапот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Јужна Кореја. По заслужениот одмор деновиве започнав со тренинзите бидејќи ова е многу битен период, од него многу ќе зависат и резултатите во текот на целата сезона. Минатата сезона ја завршив со 95 ФИС поени, а за наредната имам зацртано да ги намалам за 15 до 20 поени, до 70, што би било одлично – вели Јада.

Покрај настапите на трките во нордиско трчање, Јада има намера поголемо внимание да му посвети и на биатлонот каде што ќе се обиде да оствари норма за настап на Светското првенство (СП) во Остерсунд, Шведска, во март 2019-та.

Покрај ова Јада посакува и настап на Универзијадата во Краснојарск, Русија во 2019 година.

Летово Јада ќе учествува на неколку ролер- ски натпревари на кои се добиваат ФИС бодови, и кои се дел од подготовките за трките во Крушево и во Скопје, на Водно, на почетокот од септември.