Несекојдневен спортски настан во водите на Мавровското Езеро

870

Аматерот, 53 годишниот Бошко Илиев, лекар специјалист по спортска медицина од Кавадараци за 3 часа и 45 минути преплива нешто повеќе од осум километри во студените води на Мавровското Езеро.

Стартот му беше под хотелот „Радика“ во село Леуново, пливаше во правец кон населбата Маврови Анови, под мотелот „Маврово“, кој беше бурно поздравен од десеттина туристи кои денот го минуваа на брегот на езерото на оваа локација, без застанување продолжи да плива во правец на село Никифорово, а потоа во правец кон село Леуново, се врати на локацијата од каде што го започна маратонот.

– Прекрасно се чувствувам, беа првите зборови на маратонецот Илиев, кога излезе од студените и бистри води на Мавровското Езеро. Условите ми беа одлични. Водата мирна, немаше бранови, ниту ветрови, температурата на водата беше идеална, се движеше меѓу 19 и 21 Целзусов степен, што би посакал секој маратонец. Желбата ми се исполни – вели Илиев.

Тој додава дека планира да ги преплива сите природни езера и акумулации во Македонија.

– Првиот маратон го имав во 2001 година, кога успешно ја минав патеката Струга – Охрид. За периодот од 17 години, учествував и успешно ги завршив 47 меѓународни маратони, и 14 во Македонија, од кои осум самостојни маратони. Во наредниве две -три години планирам да ги препливам сите природни езера и акумулации. Во наредниве два месеца агендата ми е многу набиена и очекувам дека ќе успеам да ги завршам сите маратонски трки во Хрватска, Србија, Бугарија и Грција.

На официјалните маратонски натпревари имам препливано 230 километри, а над 3.000 км на тренинзите, подготовктие за успешен настап на официјалните маратонски трки – рече Илиев.

Вљубен е во маратонското пливање, како што вели, ќе плива сè додека може да ги издржи напорите, за сега не чувствува тешкотии. Впрочем тоа го докажа и на самостојниот маратон во водите на Мавровското Езеро.