На Ролан Гарос ќе има по 5.000 гледачи дневно

79

ТЕНИС – НОВО НАМАЛУВАЊЕ

Во претходните изданија на светски познатиот турнир на трибините се броеја до 40.000 посетители секој ден, но сега е одредено ограничување поради пандемијата на коронавирусот
На една недела до почетокот на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз, главниот град на Франција одреди ново ограничување на публика на дневно ниво, како последица на влошувањето на состојбата со коронавирусот, односно зголемениот број позитивни случаи во регионот на Париз. Така, наместо претходно планираните по 11.500 гледачи на ден, на Ролан Гарос ќе може да присуствуваат по 5.000 гледачи дневно.
– Разочарувањето е големо. Ова е удар за сите љубители на малата жолта топка – беше написот во францускиот дневен весник „Ле паризиен“.

Во претходните изданија на светски познатиот турнир, на трибините се броеја до 40.000 посетители секој ден. Француската тениска федерација (ФФТ) соопшти дека со владини агенции соработувала од почетокот на здравствената криза и дека за нив е најважно тоа што ќе може да се одржи овој голем настан.
Во почетокот на јули организаторите на турнирот најавија дека ќе бидат дозволени по 20.000 луѓе дневно на трибините на турнирот. Меѓутоа, кога неодамна беше презентиран здравствениот протокол, оваа бројка беше намалена на 11.500 гледачи дневно, а сега таа се намали и за повеќе од половина, на 5.000 гледачи.