Најавени се многу новини за да се одржи САД опен

203

Некои од предлозите се тенисерите со чартер-летови да пристигнат во Њујорк, претходно тестирани на коронавирус, играње без публика, со помалку линиски судии, а повеќе употреба на системот „око соколово“, возрасни би ги собирале топчињата на мечевите…

ТЕНИС

Тенискиот гран слем САД опен може да биде првиот турнир што ќе се игра по паузата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а според најавите ќе се организира и игра во досега невидени услови. Извршната директорка за професионален тенис на Американската тениска федерација, Стејси Аластер, соопшти дека се планираат, на пример, чартер-летови за тенисерите да пристигнат во Њујорк, со поаѓања од Париз, Виена, Франкфурт, Буенос Аирес, Дубаи и од некои други градови.
– Пред да влезат во авионот, играчите ќе треба да донесат потврда дека не се заразени со коронавирусот. Тие ќе можат да имаат само еден член на стручниот штаб на трибините за време на натпреварите.

Разгледувана е и опцијата за вработување неколку физиотерапевти, за играчите да не мора да имаат свои – вели Аластер, која додаде дека нема да биде дозволено присуство на публика на трибините.
Аластер го појасни и судењето на мечевите.
– Би имало помалку линиски судии. Наместо нив, повеќе ќе се користи системот „око соколово“, кој постои од претходно во ситуации кога играчите бараат т.н. „челинџ“ за одредени судиски одлуки, но овој пат системот ќе биде модифициран така што компјутерскиот глас преку звучниците ќе вика „аут“ за една десетинка од секундата ако топката е надвор – вели Аластер, која рече дека сето тоа се само предлози и дека не се донесени одлуки.

Таа, исто така, рече дека наместо децата што досега ги собираа топчињата, би имало возрасни лица, за да се заштити здравјето на најмладите. Соблекувалните би биле проширени, вентилацијата засилена, а на играчите што имаат слободен ден, пристапот до терените на турнирот би им бил строго ограничен.
Од другите гранслем-турнири, Австралија опен се одржа во јануари, поради пандемијата на коронавирусот откажан беше турнирот во Вимблдон, а францускиот Ролан Гарос е преместен за крајот на септември. САД опен треба да почне на 31 август.