Надал: Тенисот треба да почека малку повеќе пред да почне одново

90

Рафаел Надал вели дека тенисот треба да му даде позитивен пример на општеството и „да почека малку“ пред да продолжи со натпреварите, пренесува „Би-би-си“. Победникот на 19 гранслем-турнири смета дека турнирите не треба да се играат додека секој играч не може да патува слободно и безбедно. Ниту еден турнир нема да биде организиран барем до крајот на јули. Надал вели дека во моментов има мала желба да патува во Њујорк во август за да ја брани титулата на САД опен.
– Ако ме прашувате дали сакам да патувам денес во Њујорк за да играм на турнир, ќе речам не. Но по неколку месеци, не знам како ќе се подобри ситуацијата. Убеден сум дека ако се игра, турнирот ќе се одвива под исклучително безбедни околности. Ако не, според мое мислење, нема смисла – вели Надал.

Се очекува Американската тениска асоцијација подоцна овој месец да одлучи дали ќе биде можно да се одржи САД опен без публика од 31 август.
– Моето чувство е дека треба да бидеме одговорни, да испраќаме силни пораки и да бидеме позитивен пример за општеството. Моето чувство е дека треба да се вратиме кога сите играчи, од сите земји на светот, ќе можат да патуваат под безбедни околности. Сакам да го видам мојот спорт 100 отсто фер и коректен. Клучот е, секако, да најдеме лек што ќе ни помогне да бидеме сигурни дека можеме да патуваме и да се натпреваруваме. Чувството ми е дека треба да почекаме уште малку повеќе – рече Надал.