Надал го стигна рекордот на Федерер со убедливиот триумф над Ѓоковиќ

233

Рафаел Надал убедливо го совлада големиот ривал Новак Ѓоковиќ во пресметката на двајцата најдобри тенисери моментно со 6-0, 6-2 и 7-5 по сетови, во финалето на Ролан Гарос, за освојување на рекордниот 20-ти гранслем-трофеј.

„Кралот на земјената подлога“ уште еднаш покажа дека суверено владее во Париз, освојувајќи го Ролан Гарос по 13-ти пат. Шпанецот со 20-от гранслем-трофеј се израмни со уште еден свој голем ривал, Роже Федерер. Ѓоковиќ, пак, останува на 17 гранслем-трофеи.

Во 56-от меѓусебен дуел Србинот вторпат во кариерата загуби сет без освоен гем против Шпанецот. На светскиот број еден му беа потребни повеќе од час игра за да го освои првиот гем во мечот, во вториот сет, но веќе во следниот гем Надал направи брејк, за да го освои и вториот сет со релативно лесни 6-2. Во првите два сета, Надал направи само три неизнудени грешки, додека Ѓоковиќ имаше дури 28.

Надал ја продолжи одличната игра со брејк за водство од 3-2 во третиот сет, пред Ѓоковиќ да возврати со брејк за 3-3. Надал потоа повторно направи брејк за 6-5 по што стигна до триумфот за нешто помалку од три часа.