Навратилова упати критики за однесувањето на Вилијамс

161

Легендарната тенисерка Мартина Навратилова ја пофали Серена Вилијамс за борбата за полова еднаквост, но упати критики за начиниот на кој се обиде да го направи тоа.

Вилијамс со 2:0 во сетови беше поразена во финалето на Ју-Ес опен од младата jапонска тенисерка Наоми Осака, но американската тенисерка го привлече целото внимание на натпреварот со однесувањето.

Таа во вториот сет загуби контрола над емоциите и го искрши рекетот, а по две опомени судијата и одзеде еден поен.

А потоа влезе во расправија со него, кого го нарече „лажливец“ и „крадец“, а тој и одзеде цел гем.

Вилијамс по натпреварот го обвини судијата Карлос Рамос за сексизам, а во повеќе наврати нагласи дека на натпреварот се борела за женските права и половата еднаквост.

Однесувањето на американската тенисерка го подели мислењето на јавноста, при што некои ја поддржа, а дел сметаат дека претерала.

Навратилова истакна дека ја разбира нејзината борба за женските права, но дека Вилијамс ја заслужила казната со однесувањето.

-И јас да се однесував така на тенискиот терен, би очекувала да добијам иста санкција како и Серена. Се требаше да заврши кога доби предупредување, но таа не сакаше да попушти. Во целост има право да се бори за женските права, но тогаш не беше вистинско време да се спомене тоа, истакна Навратилова.

Вилијамс за однесувањето беше казнета со 17.000 долари, но од пласманот во финалето заработи еден милион и 850 илјади долари.