Монфис нема да игра финале на Вимблдон, ќе гледа финале на СП?

145

Можно ли е годинашниов тениски гранслем-турнир Вимблдон да остане без очекуваното (гледано) финале, пред сѐ, поради тоа што во речиси исто време на 15 јули треба да се игра и големото финале на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија. Одговор, иако со насмевка на лицето за оваа занимлива ситуација, даде францускиот тенисер Гаел Монфис, кој настапува на турнирот во Лондон.
– Во случај да се пласирам во финалето на Вимблдон, ќе го предадам мечот без борба, бидејќи во исто време ќе се игра и финалето на СП во фудбал во Русија. На тој начин јас би бил прв тенисер што предал финален меч за да може да гледа СП во фудбал – се пошегува Монфис.
Секако, дополни потоа тој, тоа се однесувало пред сѐ во случај ако неговата Франција, која во четврт-финалето игра против Уругвај, се пласира во финалето на Мундијалот.
Драматичниот меч со изведувањето пенали на СП 2018 помеѓу Англија и Колумбија Монфис ги следел во една пивница во Лондон.
– Ги гледав пеналите. Видов на мојот телефон дека ќе се шутираат пенали и влегов во една пивница да ги следам. Беше неверојатно, лудо! Сите во пивницата викаа и наздравуваа со пиво откако Англија победи – вели некогаш шестиот тенисер на светот, а моментно 44-ти играч на светската АТП-листа, кој со победата против Италијанецот Паоло Лоренци (3-1 во сетови), се пласира во 3-то коло на турнирот во Лондон. Г.И.