Монтеѕемоло: Шумахер и Сена не би можеле заедно во Ферари

68

Поставувањето на Аиртон Сена и Михаел Шумахер во Ферари можеби би било остварување на сонот на обожавателите на Формула 1, но тоа би предизвикало само проблеми, вели поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло.

Во едно од најпопуларните „што би било“ сценарија во Формула 1, јавно беше познато дека трикратниот шампион Аиртон Сена сакал да ја заврши кариерата во Ферари пред неговата трагична смрт на Сан Марино ГП во 1994 година.

„Тој дојде кај мене во Болоња во средата пред трагичниот викенд во Имола. Ми кажа дека сака да се трка во Ферари по секоја цена и дека сака да си оди од Вилијамс. Планот беше да разговараме по Имола. Тогаш се случи тоа што се случи“, вели Монтеѕемоло за „Скај спорт Италија“.

Кога загина, Сена ја возеше само својата трета трка за Вилијамс по трансферот од Мекларен, а неговиот нов тим не успеваше да ги реши проблемите со болидот. Од друга страна истата сезона, Шумахер ја имаше својата прва шампионска сезона со Бенетон, круна која ја одбрани во 1995 година, пред во 1996 година да направи трансфер во Ферари.

Сепак, Монтеѕемоло не верува дека двајцата би се согласувале во тимот.

„Тоа е убав сон, но мислам дека со таков потег би се самоуништиле. Тоа ќе беше голем хит кај фановите, но не и добро за Ферари. Со две ѕвезди заедно не победуваш“, инсистира Монтеѕемоло.