МОК: Поддршка за одлуката на ИОК и на организаторите

23

Македонскиот олимписки комитет (МОК) дава целосна поддршка за одлуката на јапонската влада за одложување на Игрите и на прифаќањето на оваа одлука од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Сега сите може да се фокусираме на нашата заштита, особено на здравјето на спортистите, но и на здравјето на оние околу спортистите, тренерите, тимовите за поддршка и воопшто на спортската администрација.

Ова е дефинитивно многу сложено решение на кое му претходеа многу консултации со сите засегнати страни во олимпиското движење. Со очигледното напредување на пандемијата низ светот, во овој момент е важно дека сите заедно мора да продолжиме да ги следиме задолжителните мерки, заклучоци, препораки и совети дадени од нашата влада, но и од Светската здравствена организација – вели генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски.

Во соопштението, МОК изразува „најдлабоко сочувство до семејствата на починатите од коронавирусот и им дава силна поддршка на сите оние што се заразени од вирусот да издржат и со наша поддршка да се вратат уште поздрави и уште посилни“.
– Сите заедно мора да издржиме, да останеме заедно во оваа тешка борба, да се грижиме за сопственото и за здравјето на сите околу нас. Таму каде што ќе има еден наш спортист, таму ќе бидеме сите ние. Во периодот што следува, мораме да создадеме можности нашите најдобри спортисти да се подготват за најважните натпревари во животот, да се оди во насока на кревање на нивната форма за ЛОИ 2020, кои, најверојатно, ќе бидат отворени на 23 јуни 2021 година.

Олимпискиот оган веќе е во Токио, каде што ќе гори до почетокот на Игрите в година. Во оваа ситуација, олимпискиот оган е симбол на верата и на надежта на луѓето од целиот свет, а огинот што ќе биде запален в година на отворањето на Игрите ќе ја означи победата на човекот, победата на мирот и спокојството, кoи повторно ќе царуваат на нашата планета – истакнува Поповски.