МОК: Балабан заслужува да настапи во Тарагона

634

Иако беше најавено, Македонија ќе нема фудбалска репрезентација до 19 години на Медитеранските игри во Тарагона

На Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија (од 22 јуни до 1 јули), Македонија ќе се претстави во 15 спорта, со 76 спортист(к)и (51 во машка и 22 во женска конкуренција), со 26 тренери и официјални лица и со осум судии, или вкупно „медитеранската делегација“ ќе има 110 лица. Најмногубројни ќе бидат каратистите (седуммина, четворица во машка и три во женска конкуренција) и борачите (петмина), во кои се полагаат најмногу надежи за освојување медал(и). Во преостанатите спортови, Македонија ќе има по двајца, односно по еден спортист.

Конечниот список на македонските спортисти што ќе настапат во Тарагона веќе е заклучен, со некои мали нејаснотии, односно за тоа која ќе биде македонската претставничка во стрелаштво (воздушна пушка). Тоа се Нина Балабан и Ана Ивановска, кои ги предлагаат Македонскиот олимписки комитет (МОК), од една, и Македонската стрелачка федерација (МСФ), од друга страна.

– Ние како МОК сметаме дека Нина Балабан заслужува да се натпреварува во Тарагона, таа е олимписка стипендистка на МОК за Токио 2020 и повеќе од логично е да настапи на МИ. Од Стрелачката федерација се против, односно се за Ана Ивановска, a како тренер да ја придружува претседателот на федерацијата, Владимир Пандовски. Како тренер фигурира(ше) и Јордан Тасевски од клубот Стрелец, каде што членува Балабан, кој, освен што е тренер, е и натпреварувач и газда на тој клуб, но и селектор на сениорската и на младинската репрезентација на Македонија. Но лесно може да се случи ниту еден од нив да не патува на МИ поради ограничената квота за бројот на тренери и официјални лица – вели Владимир Богоевски, спортскиот директор на МОК.

Од Стрелачката федерација велат дека одлуката да ја предложат Ивановска да биде македонска претставничка на МИ е базирана врв резултатите.
– Првично ние, покрај Балабан и Ивановска, имавме и други кандидат(к)и за настап на МИ. Но падна одлука таму да настапи само една македонска стрелачка и наш избор беше Ана Ивановска, бидејќи таа е државна рекордерка и шампионка за 2016 и 2017 година. Но ако МОК решил поинаку, а тоа е Балабан да ја претставува Македонија во Тарагона, тогаш ние не можеме ништо да промениме, иако не се согласуваме со тоа – вели Владимир Пандовски, првиот човек на СФМ.

Иако првично беше најавено, Македонија сепак ќе нема фудбалска репрезентација (до 19 години) во Тарагона. Причината е, како што информираат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), неможноста да се состави квалитетен состав од млади фудбалери, кои во тој период имаат други обврски, како и поради раното затворање на списокот на потенцијалните репрезентативци.

На 18-те МИ во Тарагона се очекува да настапат над 4.000 спортисти од 26 земји. Покрај спортистите, на МИ ќе има над 1.000 судии и официјални лица од интернационалните спортски асоцијации и над 1.000 новинари. За време на Игрите, чии натпревари се очекува да ги проследат околу 150.000 луѓе, ќе се погрижат и 3.500 волонтери.


Ракометарите и ракометарките против Египет, Србија и Турција

Машката и женската ракометна репрезентација на Македонија ги доби ривалите за групната фаза на Медитерански игри (МИ) во Тарагона. Ракометарите ќе играат во групата Д, заедно со селекциите на Србија, Египет и на Турција, додека, пак, ракометарките ќе бидат дел од групата Б, каде што ќе играат со Египет, Србија, Црна Гора и Турција.
Според најавите од стручниот штаб на репрезентацијата, македонската машка репрезентација нема да настапи во најсилниот, односно ќе биде во комбиниран состав, во кој главно место ќе имаат репрезентативците што минатата година го освоија шестото место на Светското првенство (СП) во Алжир. Девојките ќе настапат со актуелниот сениорски состав.
До почетокот на МИ, ракометарите пред себе ги имаат мечевите од домашното првенство, кое завршува на 2 јуни, додека, пак, сениорската репрезентација на 10 и 13 јуни ќе го игра бараж-двомечот со Романија за пласман на СП 2019. Кај девојките, клупската сезона ќе трае до 26 мај, а репрезентацијата ја чекаат два квалификациски дуела, на 30 мај и 3 јуни, против Шведска и Србија, за пласман на ЕП 2018.
За Македонија ова ќе биде втор настап на Медитеранските игри. Пред пет години во Мерсин, Турција, машката селекција го освои осмото место, додека женската заврши деветта. Та.Д.

Ракомет – Групи
МАЖИ
Група А: Словенија, Црна Гора, Тунис
Група Б: Хрватска, Италија, Алжир
Група Ц: Шпанија, Грција, Португалија
Група Д: Македонија, Египет, Србија, Турција
ЖЕНИ
Група А: Шпанија, Словенија, Грција, Италија, Португалија
Група Б: Македонија, Црна Гора, Србија, Турција, Египет