Мислам дека нема да се намали гладот за победи на Ливерпул

65

Нашата цел е да продолжиме да играме со овој квалитет. Се надеваме дека ќе обезбедиме уште еден период на одржлив успех, вели Вернер, претседател на новиот англиски првак Ливерпул

ФУДБАЛ – ТОМ ВЕРНЕР, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НОВИОТ АНГЛИСКИ ПРВАК

Претседателот на Ливерпул, Том Вернер, се надева дека првата титула за клубот во фудбалската Премиер-лига (вкупно 19-та во најсилната лига на Англија) ќе обезбеди „уште еден период на одржлив успех“, пишува „Би-би-си“. „Црвените“ ја освоија својата прва домашна титула по 30 години во четвртокот, кога Манчестер сити загуби од Челси со 1-2, по што Ливерпул има недостижна предност од 23 бода пред Сити.
Тимот на менаџерот Јирген Клоп, исто така, ги освои Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство, сите во 2019 година.
– Сите бевме одушевени затоа што ова беше долг пат. Знам дека нашите поддржувачи се бореа 30 години да го достигнат овој врв – вели Вернер, кој ги пофали Клоп и спортскиот директор Мајкл Едвардс.
Ливерпул последен пат ја освои титулата во англискиот фудбал во 1990 година и мораше да чека три децении за 19-та титула, победувајќи претходно 11 пати меѓу 1973 и 1990 година.

Тоа чекање беше продолжено и со суспензијата на фудбалот во англиската Премиер-лига поради пандемијата на коронавирусот, но обезбедувањето на титулата е најрано во однос на преостанатите прваци (на седум кола пред крајот на сезоната).
– Конкуренцијата е жестока и знам дека нашите ривали работат неуморно – изјави Вернер, претседател од 2010 година, за веб-страницата на англискиот клуб.
Што е следно за клубот?
– Се надеваме дека ќе обезбедиме уште еден период на одржлив успех. Една од работите што ме одушеви годинава беше нивниот глад за победа. Мислам дека тој нема да се намали. Тие се толку добра група играчи. Имам таква љубов кон нив како поединци надвор од теренот. Тие се скромни, тие се љубезни, уживаат во друштвото на други. Можеше да го видите тоа во видеата кога сите славеа. Многу е да ги замолиме да останат на ова вонредно ниво, но нашата цел е да продолжиме да играме со овој квалитет – ја пренесе „Би-би-си“ изјавата на Вернер.
Тој ја истакна и силата на тимот.

– Една од работите за кои сум радосен кога и да го гледам тимот е колку играчи придонесуваат. Успехот не лежи само на рамената на нашиот прекрасен напаѓач или на нашиот прекрасен голман. Толку многу играчи придонесуваат – вели тој за интернет-страницата на Ливерпул.