Махомс е првиот спортист со договор од половина милијарда долари

145

Тој потпиша нов, 10-годишен договор со шампионот на НФЛ, вреден 503 милиони долари, од кои 477 милиони му се загарантирани. Претходниот рекорд, за 12-годишен договор во НФЛ, вреден 426,5 милиони долари, го направи Мајк Траут со Лос Анџелес енџелс во март 2019 година

Патрик Махомс потпиша нов, 10-годишен договор (почнува од 2021 година) со шампионот на НФЛ (американски фудбал), Канзас Сити чифс, вреден 503 милиони долари, од кои 477 милиони му се загарантирани. Тој е првиот играч во спортската историја со договор од половина милијарда долари. Во договорот нема клаузула за размена, а во случај на повреда ќе добие 140 милиони долари, пренесува ЕСПН.
Претходниот рекорд, за 12-годишен договор во НФЛ, вреден 426,5 милиони долари, го направи Мајк Траут со Лос Анџелес енџелс во март 2019 година.

Махомс (24) имаше еден од најдобрите почетоци меѓу централните офанзивни играчи (квортербек) во историјата на НФЛ, добивајќи го признанието за најкорисен играч (МВП) во 2018 година и за МВП на Супербоулот во 2019-та, како најмлад што ја добива таа награда за освојувањето на првата титула на Канзас сити по 50 години.
Во наредните сезони, според процените на стручњаците, тој ќе ја редефинира позицијата квортербек со својата подвижност, смиреност во решавачките моменти и со неочекуваните, прецизни додавања. Махомс има ефект од 24 победи и седум порази на првите 31 меч и 76 додавања, кои резултираа со тачдаун (поени).

Според магазинот „Форбс“, швајцарскиот тенисер Роже Федерер е најдоброплатениот спортист на светот, со годишна заработка од 106,3 милиони долари, од награди на турнирите и од комерцијални зделки. Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо е на второто место на листата на „Форбс“, со 105 милиони долари од плата и од други зделки.