Марко Чекинато – од суспензија до сензација

298
Италијанецот е најслабо рангираниот полуфиналист на „Ролан Гарос“ уште од 1999 година

Италијанскиот тенисер Марко Чекинато доби суспензија поради наводно местење на мечеви, која подоцна беше поништена, истата 2016 година кога Новак Ѓоковиќ го освои својот последен, 12-ти гранслем-трофеј, на „Ролан Гарос“.

А токму Чекинато, денеска приреди сензација, елиминирајќи го Ѓоковиќ во четврт-финалето на гранслем-турнирот „Ролан Гарос“ во Париз, со резултат 6-3, 7-6, 1-6, 7-6 по сетови, по голема борба.

Чекинато, кој моментно го зазема 72-то место на АТП-листата, е најслабо рангираниот полуфиналист во Париз, уште од Андреј Медведев, кој беше 100-ти светски тенисер кога се пласира меѓу најдобрите четири на „Ролан Гарос“, во 1999 година.

На Ѓоковиќ во два наврати му беше укажана медицинска помош, поради болки во вратот во првиот сет, односно поради повреда на десната нога во четвртиот сет. Чекинато, пак, беше казнет со еден поен по медицинскиот третман на Ѓоковиќ, откако разговараше со официјално лице на турнирот.

Италијанецот кој не е носител во Париз, во полуфиналето ќе се соочи со Австриецот Доминик Тим (седми носител), кој беше подобар од германскиот тенисер Александер Зверев со 6-4, 6-2, 6-1 по сетови.