Мареј го најави враќањето на тенискиот терен

703

Поранешниот најдобар тенисер на светот, Енди Мари, потврди дека по речиси едногодишна пауза ќе се врати на терен во почетокот на јуни со турнирот во Росмален, Холандија.

Британскиот тенисер, кој сега се наоѓа на 39-то место на АТП листата, нема одиграно ниту еден натпревар од минатата сезона во Вимблдон, а во јануари го оперираше колкот.

По хируршката интервенција беше најавено дека тој ќе се врати на натпреварите дури кога ќе почне сезоната на тревна подлога. Затоа Мари ја прифати поканата на организаторите на турнирот во Росмален, кој припаѓа на серијата 250.

– Се радувам на повторното враќање на натпреварите, како и на тоа дека за прв пат ќе играм во Росмален. Слушнав убави работи за турнирот и дека терените се многу добри. Тоа ќе биде совршена подготовка за Вимблдон, истакна Мари.

Турнирот во Росмален се игра од 11 до 17 јуни, а наградниот фонд изнесува 612.755 евра.