Македонските шахисти седми на ЕП во Романија

189
Македонските шахисти (десно) во мечот со Романија

Во последното коло, Македонија со 3-1 ја совладаа втората селекција на Романија, што беше доволно да освои девет бода (17 поени по табли)

Македонската машка шаховска репрезентација (просечен рејтинг 1.972 поени, рангирана 9-та), го освои седмото место на Европското екипно првенство (ЕП) за слепи и слабовидни шахисти, што денеска заврши во Камчулата, Романија. Со вкупно девет екипни бода (две победи, три ремија и три порази) или 17 по табли (едно коло беа слободни, им се впишаа два бода, но без поединечни поени н.з.), што е за две места подобар пласман од почетниот.

Тие во последното 9-то со 3-1 ја совладаа втората селекција на Романија (1.791, рангирана 13-та). На првата табла ФМ Владимир Тркаљанов (2.129), со бели фигури го победи Еуген Виеру (1.830), на втората табла Жарко Селковски (1.941) ремизираше со Данут Мокану (1.783), на третата, половина поен освои и Зоран Костадиновски (1.863), против Василе Карапит (1.782) и на последната табла Зејно Бајрами (1.866), го совлада Петреа Канеа (1.768). Поединечно, Тркаљанов освои 4,5 поени од 8 партии (56,2 отсто), Селковски 4,5/7 (62,2), Костадиновски 3/7 (43,8), Бајрами 3/5 (60) и Санде Атанасов 0/5 (0).

– Секако дека сум задоволен од постигнатиот пласман иако пропуштивме два добиени меча против Хрватска и Бугарија. Дури тројца наши шахисти имаат над 50 отсто остварен ефект. Гледано последниве години наназад, ова седмо место е најдобриот пласман. Така на Шаховската олимпијада (ШО) во Охрид (2017) бевме 14-ти, на Светското првенство (СП) во Софија (2018), завршивме на 10-то место, а сега на ова ЕП во Романија сме седми. Очигледно одиме нагоре – вели ВМ Трајко Недев, кој на ова ЕП, беше во својство на селектор на македонските шахисти.

Европски првак стана втората селекција на Полска со 16 бода (24,5 поени по табли), пред Русија исто така со 16 (26,5), но е втора поради пораз во меѓусебниот дуел со првопласираниот, трета е Украина со 15 (25), а четврта Србија со 13 (22) од вкупно 15 селекции.  Г.И.