Македонија ќе дебитира во Златната лига во одбојка

152

Ждрепката за составот на групите е закажана за 17 декември во Луксембург

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, во мај и во јуни 2020 година, ќе се натпреварува во Златната европска лига. На ова натпреварување, второ по квалитет на континентот, зад Европското првенство (ЕП), покрај Македонија, ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации, меѓу кои највисокорангирана е Белгија, шестопласирана на последното ЕП 2019-та. Потоа следуваат Холандија, Чешка, Турција (победникот во златната лига во 2019-та), Украина, Словачка, Шпанија, Естонија и Португалија, Белорусија и Романија.

– Ова е логички редослед на работите по успешниот настап на Македонија на ЕП 2019. Мислам и дека играњето во една ваква конкуренција ќе значи многу за оваа репрезентација и за македонската одбојка во целина – кратко прокоментира селекторот Никола Матијашевиќ.

Ждрепката за составот на групите е закажана за 17 декември во Луксембург, до кога ќе бидат познати и носителите на групите, најверојатно најдоброрангираните на листата на ЦЕВ, Белгија (шеста), Холандија (деветта) и Чешка (11-та). Репрезентациите ќе бидат поделени во три групи, а натпреварите ќе се играат според принципот секој со секого, дома и на гости. Првите натпревари би требало да се одиграат на 23/24 мај, а последните, од шестото коло, на 13/14 јуни. Завршниот турнир е закажан за 20/21 јуни 2020-та и на него ќе настапат трите првопласирани репрезентации од секоја група, плус земјата-домаќин, која дополнително ќе биде одредена.

За Македонија, која на четирите настапи во Сребрената лига трипати беше втора и еднаш четврта, ова е нов чекор напред по успешното деби на Европското првенство во септември годинава, кога остави одличен впечаток, забележа две победи, по 3-1, над Словенија (која стана европски вицепрвак) и над Белорусија, и само поради сет-разликата во полза на Финска не се најде во осминафиналето.
Годинава во Златната лига победи Турција, која во финалето ја совлада Белорусија со 3-0, а третото место го освои Холандија по триумфот над Естонија, исто така, со 3-0. 


Ѓорѓиев: Го заслуживме настапот

Многу се израдував кога чув дека Македонија ќе игра во Златната лига. Мислам дека тоа е голем исчекор напред, по играњето во Сребрената лига минатите години, и сосема заслужено за македонската репрезентативна одбојка по успешното деби на ЕП во Словенија. Ќе играме во силна конкуренција, со многу квалитетни европски селекции, можеби не од самиот врв, но тука некаде според квалитет. Тие шест меча ќе бидат и добра увертира пред квалификациските дуели за ЕП 2021, вели капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, кој сезонава настапува за германскиот Фридрихсхафен.