Македонија со 71 спортист на Медитеранските игри

75
Знамето на МИ пристигна во Тарагона

Вчера во шпанскиот град Тарагона (Шпанија) почнаа 18. Медитерански игри (МИ), кои ќе траат до 1 јули. На оваа регионална спортска манифестација, која зад себе има голема традиција, Македонија првпат ќе настапи со 71 спортист, најмногу досега. Македонските избраници ќе се натпреваруваат со најдобрите спортисти од медитеранските земји во вкупно 15 спорта. Најмногубројна е нашата ракометна експедиција, бидејќи спортот, во кој во последниве години бележевме одлични резултати, ќе настапите со две селекции – машка и женска.

Од екипните спортови, Македонија ќе биде застапена и на одбојкарскиот турнир со машката селекција, а и во кошарката или, популарно наречениот, баскет 3 на 3. Одбојкарите први стартуваа и уште вчера го одиграа првиот натпревар со репрезентацијата на Египет. Во нашата група уште е и селекцијата на Шпанија.
На овие МИ учествуваат 26 држави, со 3.622 спортисти, во 31 спортска дисциплина. Во Игрите се вклучени 1.000 судии и 3.500 волонтери, а се очекува да известуваат околу 1.000 новинари.

Натпреварите нема да се одржуваат само во Тарагона туку се распоредени уште во 15 града и помали места во околината на Тарагона. И олимписка Барселона на некој начин ќе биде вклучена во Игрите, бидејќи тука ќе се одржат коњичките натпревари, во кои Македонија има свој претставник во името на Лука Заложник, Словенец со македонски пасош, кој, пак, оттука ќе почне да ја „брка“ олимписката норма за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година.

Од македонските спортисти, денеска, на вториот натпреварувачки ден, ќе настапат ракометарите и ракометарките, кои ќе имаат ист противник, селекцијата на Турција. Девојките ќе играат во 12, а машката селекција ќе истрча на теренот во 16.30 часот. Одбојкарите, пак, денеска ќе го одиграат вториот натпревар (19 ч.), противник ќе им биде селекцијата на Шпанија. Ќе настапат и македонските каратисти (Емил Павлов, Ненад Ќелебиќ, Берат Јакупи и Жарко Арсовски) и две натпреварувачки во женска конкуренција (Симона Заборска и Ангела Мојсовска), а ќе почнат и дводневните натпревари во стрелаштво, во кои ќе настапи Нина Балабан.

Прв вчера од македонските спортисти на МИ стартуваше Петар Јаневски. Тој во стреличарство (лак и стрела) на дистанца од 70 м, во првата квалификациска сеанса заврши на 37-то место во конкуренција на 40 натпреварувачи. Најдобар во првиот круг беше Турчинот Мете Газаз со 683 погодоци.

Македонските спортисти до распадот на поранешната држава учествуваа на Медитеранските игри (МИ) во составот на Југославија и даваа голем придонес во медитеранската трка секогаш Југославија да биде на врвот. Така, почнувајќи од МИ во Тунис во 1967 година, кога Борче Димовски и Добре Маринков ги освоија првите медали, сребрени, па на сите следни Игри борачите секогаш се закитуваа со медали.
Од плејадата на повеќе од 50 борачи што учествувале на МИ најголем успех имаше олимпискиот шампион Шабан Трстена, кој на трите учества, во Казабланка (1983 година), Латакија (1987) и во Атина (1991) го освојуваше златниот медал. Најмногу учества на Игрите има Шабан Сејдиу, кој првиот настап го имаше во Алжир (1975) и веднаш триумфира. Потоа тој освои уште еден златен медал во Сплит (1979), во Казабланка беше четврти, за своите учества на МИ да ги заокружи со бронзен медал во Латакија (1987). Покрај овие двајца борачи, по еден златен медал освојуваа уште Ристо Дарлев, Коце Ефремов и Киро Ристов. Сите на Игрите во Сплит.

Интересно е дека нашите борачи во досегашните настапи имаат освоено најмногу сребрени медали, вкупно 12. Меѓу носителите на сребрените одличја беа Зоран Шоров двапати, а по едно сребро имаат освоено Добре Маринков, Борче Димовски, Ристо Дарлев, Сефер Салиовски, Тефик Демири, Абаз Емини, Киро Ристов, Аднан Елези, Мирко Димчевски и Дејан Богданов, кој е единствен што го освои сребрениот медал под знамето на Македонија, и тоа на последните игри во Мерсин во 2013 година.
Борачите освоија и 10 бронзени медали. Ацо Јорданов двапати се закити со бронзата, а по еднаш ја освојуваа Дарлев, Димчевски, Маринков, Шаип Бајрами, Сејдиу, Јасин Реџалари, Дејан Митров и Бобан Данов. Последните тројца беа третопласирани, бранејќи ги боите на Македонија во Мерсин.

Македонија, по распадот на поранешната држава, сѐ до Игрите во Мерсин (Турција) во 2013 година не учествуваше на МИ. Вратата ни беше отворена по приемот на МОК во Медитеранскиот спортски комитет. Македонија од вчера вторпат самостојно настапува на МИ, во шпанската Тарагона. З.М.