Луис Хамилтон 16-ти пат победи со т.н. хет-трик

96

Светскиот првак тргна од пол-позицијата, победи и го извози најбрзиот круг на трката во Унгарија, што 16-ти пат му успева во кариерата во една трка. Во таа категорија за т.н. хет-трик во Формула 1 води Шумахер со 22 такви доминантни победи

ФОРМУЛА 1

Со доминантно возење светскиот првак во Формула 1, Луис Хамилтон (Велика Британија), победи во трката за големата награда на Унгарија и изби на првото место во пласманот на возачите, по првите три трки сезонава. Зад Хамилтон на патеката „Хунгароринг“ се пласираа Макс Ферстапен, Валтери Ботас итн.
За Британецот тоа беше 86-та победа во кариерата и сега има пет помалку од рекордерот во таа категорија, Михаел Шумахер (Германија). Но со осмата победа на трката во Унгарија, Хамилтон израмни еден друг рекорд на Германецот, за најмногу победи на иста патека. Шумахер забележа осум победи во Франција.

Хамилтон 52. пат оствари победа тргнувајќи од пол-позицијата, што е зголемен рекорд во Формула 1 (втор е Шумахер со 40), но британскиот возач забележа редок резултат откако покрај победата и пол-позицијата тој го извози и најбрзиот круг на неделната трка на патеката „Хунгароринг“. Тој т.н. хет-трик во Формула 1 досега Хамилтон го оствари на 16 трки, а во оваа категорија води Шумахер со 22 такви доминантни победи.

Од рекордите што Хамилтон сезонава може да ги достигне се, на пример, бројот на пласмани меѓу првите тројца на една трка (тој има 153, води Шумахер со 155), бројот на трки во кои освојува бодови (тој има 216, прв е Шумахер со 221) итн.
По првите три трки сезонава,Хамилтон е на првото место со 63 бода, а потоа следуваат Ботас (Финска) со 58, Ферстапен (Холандија) со 33 итн. Следната трка од првенството на Формула 1 за сезонава е предвидена за 2 август на патеката „Силверстоун“ во Велика Британија.


„Знам како е да се загуби првенството за еден бод и не се откажувам од поените, освен ако не морам“

Луис Хамилтон имаше сигурно водство на трката во Унгарија во Формула 1, но во последните кругови од трката реши да освои и дополнителен еден бод за возачот со најбрз круг. Таа голема разлика пред конкуренцијата ја материјализира со ново застанување за промена на гумите, со кои можеше да обезбеди најбрз круг и да го земе поенот што дотогаш го имаше Валтери Ботас, пишува „Би-би-си“. Со тоа Хамилтон победи со уште два бода разлика, но покажа и решеност да ја освои својата седма титула, со што би се израмнил со рекордерот Михаел Шумахер (Германија).
– Знам како е да се загуби првенството за еден бод и не се откажувам од поените, освен ако не морам. Знам колку е клучно да се максимизира секој момент. Не знаеме колку ќе трае сезоната. Валтери имаше одлична прва трка и најбрз круг. Имав предност и чувствував дека е неопходно да се дојде до тој еден бод, особено што чувствував дека ја заработив таа предност што ја имав – ја пренесе „Би-би-си“ изјавата на Хамилтон.


ХЕТ-ТРИК ВО Ф1
Михаел Шумахер 22
Луис Хамилтон 16
Џим Кларк 11
Хуан Мануел Фанџо 9
хет-трик: пол-позиција, победа и најбрз круг на една трка

ПЛАСМАН ПО ТРИ ТРКИ СЕЗОНАВА
Луис Хамилтон 63
Валтери Ботас 58
Макс Ферстапен 33