Лохти не се допингувал, но е суспендиран 14 месеци

278
Рајан Лохти

Тој објавил фотографија на Инстаграм на која се гледа како во раката прима витаминска инјекција, веројатно без лекарска дозвола

Непромисленост, наивност, хипокризија. Овие работи паѓаат на ум кога ќе се спомене 14-месечната суспензија што му ја изрече Американската антидопинг-агенција (УСАДА) на пливачот Рајан Лохти (33), освојувачот на 12 олимписки медали, од кои шест златни и по три сребрени и бронзени.

Лохти не користел недозволени супстанции, не е „фатен“ како се допингува, односно во неговата крв и урина нема недозволени супстанции. Но суспендиран е бидејќи на Инстаграм објавил фотографија на која се гледа како во раката прима витаминска инјекција за побрзо закрепнување. На професионалните спортисти не им е дозволено да внесуваат повеќе од 100 милилитри витамински коктели во период од 12 часа, и тоа од оние дозволените, освен ако поради пропишана лекарска терапија треба да се внесе поголемо количество.

Лохти им се пофалил на своите следбеници на Инстаграм со објавувањето на спорната фотографија, која е направена на 24 мај годинава и на која се гледа како прима инфузија по што интервенираше УСАДА и му ја изрече суспензијата што ќе важи до јуни 2019 година.

„Не ги знаев правилата“ се правдаше Лохти, но очигледно никој не му поверува.
Пред две години на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио, Лохти со колегите од американската штафета, Џими Фејген, Гунар Бенц и Џек Конгер, инсценирал дека биле ограбени на една бензинска пумпа и повикале полиција. Набргу било откриено дека лажеле и оти Лохти од непознати причини го демолирал тоалетот на пумпата по што вработениот морал да интервенира. Американците успеале да издејствуваат Лохти и колегите да не бидат затворени и процесирани во Бразил за лажни изјави. Но во САД морале да се појават на редовен и на спортски суд каде што Лохти признал дека бил пијан и оти ја надувал приказната по што беше суспендиран 10 месеци, плати казна од 100.000 долари, а некои спонзори го раскинаа договорите со него.

Лохти не ќе може да настапи на претстојниот шампионат на САД, на Панпацифичките игри во август годинава во Токио, како и на СП во мај 2019 година во Јужна Кореја.


Треба да се внимава колку и што се консумира

Интравенозното внесување витамини во организмот не е ништо ново кај спортистите, не е забрането, но ако е во дозволени количества и во одреден временски рок. Таква е регулативата, целта е спортистите да имаат ист третман и закрепнувањето да има некаков природен тек. Што се однесува до листата на забранети супстанции, за тоа што смее, а што не смее да се користи, Светската антидопинг-агенција (ВАДА) ја објавува во јануари секоја година, но во практиката можно е таа да се ревидира, односно да се прават измени, секој месец, па и секоја недела. Тоа значи дека спортистите и тие што се грижат за нив, лекарските тимови и тренерите, треба да следат што и колку е дозволено да користат, вели д-р Илија Стоилов.