ЛОИ ќе испратат нова порака за заедништво, но сега и за солидарност и надеж

31

Премногу е рано да се шпекулира за Игри без гледачи, но, повторно, олимпискиот дух би бил во најдобро издание со полни стадиони. Остануваме посветени на сеопфатниот принцип што го воспоставивме и пред одложувањето. Тоа значи организирање олимписки игри со целосна безбедност и грижа за здравјето на сите луѓе вклучени во Игрите, вели претседателот на ИОК, Томас Бах, најавувајќи оптимизирани и поедноставени ЛОИ

ТОМАС БАХ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИОК

Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, изјави дека Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио што треба да се одржат во 2021 година ќе бидат оптимизирани и поедноставени, но искуството на спортистите нема да биде загрозено.
– Уверени сме дека спортистите ќе имаат оптимални услови да го покажат најдоброто, како и досега на Игрите, и што е можно подобро да се подготват во наредниот период – изјави Бах, пренесува „Ен-би-си Олимпикс“.
Бах говореше за неколку клучни теми што се однесуваат на првите одложени Игри во модерната историја.
Дали е можно да се одржат олимписки игри без гледачи?
– Многу јасно е дека не го сакаме тоа. Премногу е рано да се шпекулира, но, повторно, олимпискиот дух би бил во најдобро издание со полни стадиони – рече Бах.
Како стојат работите за тоа дека можеби ќе треба значаен медицински напредок или вакцина против ковид-19 за одржување на Игрите?

– Остануваме посветени на сеопфатниот принцип што го воспоставивме и пред одложувањето. Тоа значи организирање олимписки игри со целосна безбедност и грижа за здравјето на сите луѓе вклучени во Игрите. Внимателно ги следиме работите и ќе реагираме на околностите што би можеле да се појават – вели Бах, истакнувајќи дека ИОК има блиска соработка со здравствените експерти, вклучувајќи ја и Светската здравствена организација (СЗО).
Доколку ЛОИ не може да се одржат во 2021 година, дали ќе бидат повторно одложени или ќе бидат откажани?
– Ова е шпекулација во моментов. Ние сме добро советувани и би сакал да ја замолам јавноста малку да запре и да не се шпекулира премногу со „дали, кога, како, што“, затоа што во многу земји во светот не знаете утре под кои околности можете да ја напуштите својата куќа или дали воопшто можете да ја напуштите. Навистина премногу е да се очекува од нас и од Организацискиот комитет да ги знаеме уште сега сите детали за најголемиот и најсложен настан во светот – рече Бах.

Каков е вашиот став во врска со протестите на спортистите на Игрите?
– Важно е да се истакне дека спортистите имаат многукратни можности да се изразат, на прес-конференции, во интервјуа, на социјалните медиуми, на тимските состаноци, во разговори со нивните колеги спортисти во Олимпиското село и слично. Правилото 50 на Олимписката повелба, кое забранува „протести и демонстрации“, се однесува само на спортските натпревари и на свечените церемонии. Сакаме да видиме како, достоинствено и заеднички, можеме да најдеме нови формати за спортистите да ја покажат својата поддршка за една од клучните пораки на Олимписките игри, а тоа е недискриминацијата. Самите Игри се можеби една од најмоќните демонстрации на недискриминација. Сите се еднакви. Сите се еднакво третирани, со почитување на истите правила. Мислам дека ова е навистина моќен симбол на недискриминација – вели Бах.

Бах рече дека со нетрпение ја очекува церемонијата на отворање на ЛОИ.
– Таа церемонија, пред сѐ, ќе ја испрати пораката што секогаш ја испраќаат Олимписките игри. Тоа е заедништвото на човештвото во целата наша разноликост. Но во Токио ќе биде многу повеќе. Тоа ќе биде порака на солидарност и порака на надеж – вели Бах.