Лирен триумфира на завршниот „универзален“ гран-турнир во Лондон

74

Кинезот Динг Лирен (2.801 рејтинг-поени) победи на завршниот турнир од годинашната серија гран-турнири (се играа шаховски мечеви со класично, забрзано и со брзо темпо на игра), што се одржа во Лондон, откако во финалниот дуел го победи Французинот Максим Вашер-Лаграв (2.780) со 16-12. Третото место го освои светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.872), кој беше подобар од Ерменецот Левон Аронијан (2.775) со 17-11.

За овој успех Лирен освои 150.000 долари, Вашер-Лаграв доби 100.000. И двајцата автоматски се квалификуваа на следниот гранпри-турнир во 2020 година, кој ќе почне во мај во Букурешт, Романија, заедно со Карлсен (освои 60.000 долари). Во полуфиналето Вашер-Лаграв го победи Карлсен со 15,5-14,5, а Лирен го совлада Аронијан со 19-9.

– Играм многу добро кога можам целосно да се фокусирам на партиите. Ако не го сторам тоа, како што се виде во последните брзи партии, откако сѐ беше решено, играм лошо и затоа загубив три од четирите партии. Сепак, покажав кога сум во најдобра форма, можам да играм со кого било, а тоа го вклучува и Карлсен – задоволно изјави Лирен по примањето на пехарот.

Тој годинава го освои Купот на Синкфилд, победувајќи го Карлсен во плејофот, минатиот месец двапати го совлада Карлсен во Колката, а сега е прв во Лондон. Второто место на Светскиот куп (СК) му донесе пласман на Турнирот на кандидатите (иако тој ќе се пласираше и според рејтингот).

Натпреварот за третото место не беше толку едностран како финалниот. Карлсен поведе со 9-3, но Аронијан намали на 9-7, откако Карлсен не реализира обична победничка позиција.
– Не играв особено добро, но, за моја среќа, ниту Аронијан – кратко прокоментира Карлсен.


Карлсен е непоразен 494 дена во класичен шах

Вклучувајќи двe партии во норвешката лига во ноември, Карлсен моментно не е поразен во 107 класични партии, поточно од 31 јули 2018 година, кога Шахријар Мамеѓаров го победи во Биел. Карлсен првпат во својата кариера помина целосна календарска година без да претрпи пораз. Најмалку што досега загубил беа по две партии во 2012 и во 2018 година. Карлсен веројатно нема да игра на турнирот во Вајк ан Зе во јануари, кога во 4-то коло би можел да го собори рекордот на Сергеј Тивијаков со 110 натпревари без пораз. Г.И.