Летната пауза стана пролетна, Ф1 можеби ќе почне во јуни

74

Трката во Монако во Формула 1 нема да се вози годинава поради коронавирусот. Организаторите од Монако соопштија дека е „невозможно“ да ја презакажат таа трка во некој друг термин. Одложени се трките во Холандија и во Шпанија, но за нив уште постојат шанси да се одржат во текот на годината. Претходно беа одложени и првите четири трки сезонава, во Австралија, Бахреин, Виетнам и во Кина.
Во заедничката изјава на Ф1 и на промотерите на трките се вели дека се донесени решенија „за да се обезбедат здравјето и безбедноста на персоналот, учесниците и на навивачите“. Од Светската автомобилска федерација (ФИА) објавија дека очекуваат годинашната сезона да почне „веднаш штом ќе биде безбедно, по мај“.

Во меѓувреме, Ф1 ја помести летната пауза за март и за април, за да се најдат термини за што повеќе трки штом ќе се создадат услови за продолжување на сезоната. Според пропозициите, потребно е да се извозат најмалку осум трки за една сезона да се смета за светско првенство (СП). Ф1 и ФИА се согласија да го одложат воведување на новите правила до 2022 година за да се намалат трошоците. Викендите пред трките би можеле да се намалат од три на два дена, а вeќе се разговара и за идејата за намалување на буџетската „капа“ за 2021 година од сегашните 175 милиони долари.
Ф1 има работен план сезоната да почне со трката во Азербејџан на 7 јуни, но можно е и ова да се промени, со оглед на ескалацијата на коронавирусот. Се разгледуваат сите можности трките да се возат повеќе последователни викенди во низа и да бидат групирани географски колку што е можно повеќе. Некои трки најверојатно ќе отпаднат поради ревидираниот календар, а први на удар се оние во Шпанија, Бразил, Кина и во Австралија, пишува „Би-би-си“.