Лазов е најновиот македонски интернационален мајстор во шах

1082

За да се освои оваа шаховска титула треба многу работа, посветеност и настапи на турнири, но и поддршка од ШФМ во смисла на организирање кампови, работа со тренери, финансирање турнири итн., вели Лазов

Македонскиот шахист, репрезентативец и член на најтрофејниот македонски клуб Алкалоид, Тони Лазов е најновиот македонски интернационален мајстор, 13-ти во моментов. Големата надеж на македонскиот шах освои дури две норми повеќе од потребните три, додека потребниот рејтинг од 2.400 поени го надмина во септември.
– Барањето до Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и официјално го поднесов уште во септември, но Конгресот на ФИДЕ, кој требаше да се одржи во декември, е презакажан за 20 февруари в година. Па, така, на тој конгрес и ќе ми биде впишана оваа титула. Официјално нормата во живо ја надминав во септември годинава, кога и се смета дека е освоена, а не кога ќе биде заверена, што значи дека ја освоив на 19 години и четири месеци – вели Лазов.

ИМ Никола Николовски оваа титула ја освои лани во март на турнирот „Опен Карпош“, со 19 години и шест месеци. Неодамна светот го доби најмладиот ИМ во историјата на шахот, Абимануи Мишра, кој живее во САД, а по потекло е од Индија. ИМ стана на 10 години, девет месеци и три дена.
– Тоа што го тренира такво шаховско име како што е Гари Каспаров, доволно кажува за каков талент се работи – вели Лазов, кој титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ) ја освои во 2016 година.

Мишра за 17 дена го надмина стариот рекорд, кој беше сопственост на актуелниот светски првак до 18 години, Индиецот Прагнананда Рамешбабу. Најмладиот велемајстор во светот, пак, е Русинот Сергеј Карјакин, кој највисоката шаховска титула ја освои со 12 години и седум месеци. Според Лазов, за да се освојуваат титули треба многу работа и посветеност на шахот, но и голема поддршка од ШФМ.
– Оваа норма за мене е забележително достигнување, но и еден товар помалку. Во Македонија нема многу ИМ, меѓу другото затоа што и не е лесно да се стигне до неа. Тоа најдобро го почувствував на своја кожа, оти треба многу работа, посветеност и настапи на турнири со квалитетни шахисти, но и поддршката од ШФМ во смисла на организирање кампови, работа со тренери, финансирање турнири итн. За титулата велемајстор уште не сум размислувал, а за евентуална работа со квалитетен тренер засега немам ништо во план, но во блиска иднина можеби – вели Лазов.

За да се стигне до титулата ИМ е потребно да се направат три играчки перформанси од 2.450 рејтинг-поени на турнири и барем еднаш да се надмине границата од 2.400 рејтинг-поени на листата на ФИДЕ.
– Сметам дека критериумите се токму како што треба за исполнување на оваа норма, оти ако ги спуштат, тогаш би било многу полесно да се освојуваат потребните норми за ИМ – вели Лазов.

Со ист став по ова прашање е и ИМ Николовски.
– Според мене, критериумите за титулата ИМ не се високи, добро се поставени и таа треба да се заслужи – рече Николовски.
Од сегашните македонски шахисти, титулата ИМ најбргу ја освоил Дејан Стојановски (на 18 години), светски младински првак во брз шах од 1999 година. Денес во светот најмногу активни ИМ убедливо има Русија (549), пред Германија (273), Украина (209), САД (166), Шпанија (137), додека Индија е на 9-то место со 114.