Коронавирусот сѐ повеќе влијае на спортските настани

123

И во Македонија со голем интерес се следи сето она што се случува во врска со коронавирусот (новата препорака е до 13 март да се одржуваат спортски настани без публика), особено што има и олимписки кандидати што настојуваат да ја обезбедат олимписката норма или, пак, за кревање на натпреварувачката форма. Секако, тука е и дуелот за пласман на фудбалското ЕП 2020, Македонија – Косово, на 26 март во Скопје, а во светски рамки во фокусот се два најголеми настана што треба да се одржат годинава, ЕП во фудбал и ЛОИ во Токио

Министерот за здравство Венко Филипче вчера препорача да се продолжи одлуката за откажување масовни јавни собири до 13 март, а спортските натпревари во Македонија да се играат без публика, како превенција, за спречување на ширењето на коронавирусот. Коронавирусот и повеќе од очигледно им се заканува на спортот и на спортистите во светот. Тој веќе создаде голем број проблеми во повеќе спортови. Најголемиот проблем е што спортските настани привлекуваат голем број луѓе, со што се создаваат услови за масовно ширење на заразата. Ситуацијата будно се следи, особено за двата најголеми настана што треба да се одржат годинава, Европското првенство (ЕП) во фудбал од 12 јуни до 12 јули во 12 држави и Летните олимписки игри (ЛОИ) од 24 јули до 9 август во Токио, Јапонија.

И во Македонија со голем интерес се следи сето она што се случува во врска со коронавирусот и со сѐ поврзано со него, особено што има и свои спортисти, олимписки кандидати што настојуваат да ја обезбедат олимписката норма или, пак, за кревање на натпреварувачката форма токму во овој месец имаат свои настапи.
– Борачот Магомедгаџи Нуров, единствениот македонски спортист што засега има обезбедено олимписка норма, во март нема да настапи никаде. Тој моментно е во Русија и има намера да настапи на два-три турнири во следниот период, каде што ќе ја темпира формата за Токио, но не е прецизирано кои ќе бидат тие турнири. Во овој месец квалификациска норма ќе се обидат да освојат Владимир Егоров и Елмедин Сејфулаху. Турнирот ќе се одржи во Будимпешта, од 18 до 22 март – ни изјави техничкиот секретар на Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ), Мустафа Адеми.

Каратистот Емил Павлов има реални шанси да обезбеди пласман на ЛОИ.
– Павлов нема да настапи на Премиер-лигата во Рабат, Мароко, односно на турнир надвор од Европа, кој треба да се одржи во март. Тој целосно ќе се насочи кон Европското првенство, кое треба да се одржи во Баку од 25 до 29 април. ЕП е мошне важно, оти пласман меѓу првите 10 на завршната ранг-листа за настап на ЛОИ во Токио ќе му донесе и „полесни“ противници на квалификацискиот турнир за ЛОИ во Париз во мај, оти ќе биде меѓу носителите. Секако, нашата федерација ја следи и состојбата со коронавирусот и секако ќе се придржуваме кон одлуките што ќе ги донесат Светската здравствена организација, ИОК, Светската карате-федерација – вели претседателот на Карате-федерацијата на Македонија, Горан Милковски.
И таеквондистот Дејан Георгевски е кандидат за настап на ЛОИ во Токио.

– Продолжуваме со активностите, па, така, викендов Георгиевски ќе настапи на Г1-турнирот во Софија, а на 14-ти и во Белгија. И двата турнира не се откажани. Но за нас, сепак, најзначаен е квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ, на кој двајцата финалисти обезбедуваат настап на ЛОИ. Тој првобитно требаше да се одржи во Милано, но поради коронавирусот отпадна, па сега чекаме Советот на федерацијата да предложи нов град-домаќин, а терминот останува ист, 17 април – вели еден од тренерите на македонската таеквондо-репрезентација, Дарко Костовски.
Има повеќе спортови што досега поради коронавирусот претрпеле измени во календарот или во системот на натпреварување. Спортските натпревари ќе се играат без публика и во Јапонија и во Кореја. Во Кина е одложен почетокот на фудбалското првенство, а во Швајцарија засега шампионатот е прекинат.

Во Формула 1 е одложена трката во Кина (19 април). Првите две трки од СП во мотоциклизам, кои според распоредот беа закажани во Катар (викендов) и во Тајланд (две недели подоцна), се откажани. Откажано е и СП во атлетика во сала во Кина, како и хонгконшкиот маратон, а маратонската трка во Токио веќе се одржа, но без публика на улиците и со ограничен број учесници.

Во кошарката, во Евролигата некои дуели се играа без публика. И тенисот не остана имун откажани се многу турнири во март и во април. За традиционалната велосипедска трка Џиро д`Италија (во мај) постои варијанта за скратување. СП во лизгање во Сеул е откажано. Во скијањето не се одржа трката во Кина, а завршницата од СК во Италија најверојатно ќе биде без публика. Секако, не е имун ниту шахот, па така се откажаа опен-турнирите во Абу Даби и во Виетнам итн.


Се следи ситуацијата и околу мечот за пласман на фудбалското ЕП

Во пресрет на мечот за пласман на Европското првенство помеѓу Македонија и Косово, на 26 март, во Скопје, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Златко Андоновски, вели дека, според насоките од УЕФА, мечот не е загрозен од коронавирусот, но дека ФФМ ги следи мерките на Министерството за здравство и дека во најлош случај е можно натпреварот да се игра без публика. Македонските фудбалски репрезентативци што играат во Италија, според информациите, ќе пополнат соодветни прашалници за коронавирусот пред доаѓањето во Скопје, како и сите патници што доаѓаат од Италија. Л.Д.

[email protected]