Кирковски за седум часа го „покори“ Матерхорн

134

Викендов, само четири дена по брзинското искачување на Мон Блан од италијанската страна, Македонецот Александар Кирковски сам и без никаква логистика го искачи најатрактивниот алпски врв Матерхорн (4.478 метри), преку гребенот “Хорнли“ од швајцарската страна на планината. Постигнатото време од 7.01 час од појдовната точка до врвот и назад е најбрзо искачување на македонски планинар и алпинист, на овој технички тежок врв.

Матерхорн се наоѓа на Пенинските Алпи на границата помеѓу Италија и Швајцарија, а познат е и како лого на познатото швајцарско чоколадо „Тоблероне“. За првпат е искачен во 1865 година како последен од позначајните алпски врвови. Со својата атрактивна форма на карпеста пирамида не дозволува лесен пристап и е сон на речиси секој планинар.

Досега само 28 планинар(к)и и алпинист(к)и од Македонија го имаат искачено Матерхорн, за разлика од неколкуте стотини кои се искачиле на највисокиот алпски врв Мон Блан, 4.810 метри, што доволно говори за тежината и предизвикот што со себе ги носи.

За Кирковски ова е трето успешно искачување на Матерхорн, и второ македонско соло искачување на гребенот „Хорнли“, по Слободан Јовановски – Боби во 2006 година. Постигнатото време од 7 часа во двата правца е уште едно сериозно кревање на границите и стандардите во македонскиот планинарски спорт. Л.Д.