Карлсен со нов рекорд – непоразен 111 партии!

176

Претходниот рекорд беше сопственост на Холанѓанецот Сергеј Тивијаков (110) и опстојуваше 15 години

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и брз шах, норвешкиот вундеркинд Магнус Карлсен, продолжува да го воодушевува шаховскиот свет. Карлсен, кој моментно игра на традиционалниот турнир во Вајк ан Зее (14 кола), во првите четири партии ремизира, што беше доволно да постави нов рекорд, односно да не ја почувствува горчината на поразот 111 партии, поточно од јули 2018 година, кога последен пат загуби од Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров. Претходниот рекорд беше сопственост на Холанѓанецот Сергеј Тивијаков (110), опстојуваше 15 години, но беше поставен и со играчи со послаби рејтинзи, за разлика на Карлсен, кој играше против елитата. Рекордот веројатно нема да биде надминат во брзо време во ваква силна конкуренција.

– Тажен сум секако, но истовремено и горд што мојот рекорд опстојуваше 15 години. Го загубив рекордот од најсилниот шахист досега – изјави Тивијаков.
Достигнувања на Карлсен станаа толку честа појава што најновиот може да изгледа како мало достигнување. Карлсен во ноември лани посочи дека не ги брои двете партии што ги одиграл против шахисти со рејтинг од 2.300 поени, но сега неговата реакција беше малку поинаква.
– Сметам дека мојата низа против елитната опозиција е 109, а против добрата опозиција е 111, така што и за двата рекорда сум среќен – рече Карлсен. 


Најнепоразени шахисти во низа
Магнус Карлсен 111
Сергеј Тивијаков 110
Динг Лирен 100
Михаил Таљ 95
Михаил Таљ 86
Владимир Крамник 82
Ванг Ју 82
Весли Со 67
Максим Вашиер-Лаграв 67
Раул Капабланка 62