Карлсен и Со убедливи, но го поделија првото место

72

И двајцата по одиграните турнири со забрзано и со брзо темпо во збирната табела освоија по 24 поени (три повеќе од најблискиот конкурент), го поделија првото место и освоија парична награда од по 45.000 долари

ТУРНИРИ ВО БРЗ И ВО ЗАБРЗАН ШАХ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен и Американецот Весли Со го поделија првото место на интернет-турнирот во забрзан и во брз шах, во организација на Сент Луис (САД), вреден 250.000 долари. И двајцата во збирната табела имаа по 24 поени, а бидејќи немаше дополнителен т.н. тајбрејк, еднакво заработија по 45.000 долари. Третото место со 21 поен и наградата од 35.000 долари му припаднаа на Американецот Хикару Накамура.
Турнирот, на кој настапија 10 врвни шахисти, се состоеше од вкупно 27 кола, од кои девет беа со забрзано темпо на игра (двапати по 25 минути, плус пет секунди по секој потег) и уште 18 кола со брзо темпо (двапати по пет минути, плус три секунди).

Во последното коло Карлсен по само 14 потези ремизира со Русинот Александар Гришчук, а тоа го искористи Со, кој го победи Индиецот Пентала Харикришна за да го стигне Норвежанецот. Победите со забрзано темпо носеа по два, а со брзо темпо по еден поен.
На турнирот во забрзан шах (девет кола) прв со 13 поени беше Со, пред Карлсен со 12, а трети беа Накамура и Гришчук со по 10 поени. Во брз шах (18 кола) први беа Карлсен и Накамура со по 12, а трет Со со 11 поени.

Збирна табела: Магнус Карлсен и Весли Со по 24 поени, Хикару Накамура 21, Левон Аронијан и Александар Гришчук по 18,5, Јан Непомнијашчи 18, Џефри Сјонг и Пентала Харикришна со по 15,5, Алиреза Фирузја и Лениер Домингез по 12,5.