Каратистите со скромен ефект во Мадрид

54

Македонските каратисти остварија вкупно три поединечни победи, односно по еднаш на татамите славеа Павлов, Заборски и Мојсовска. Шансите за пласман на ЛОИ во Токио не се загубени

Македонската 10-члена карате-експедиција без позабележителен успех се враќа од последниот седми годинашен турнир во престижна Премиер-лига, каде што настапија 772 натпреварувачи од 421 клуб, од 89 држави. Турнирот беше мошне значаен за оние каратисти што се борат за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година.

Беа остварени вкупно три поединечни победи, односно по еднаш на татамите славеа Емил Павлов, Петар Заборски и Ангела Мојсовска. Павлов, кој на ноемвриската олимписка ранг-листа е најдобропласиран македонски каратист, 25-ти со 2.092 бода, во првото коло го победи (1-0) Украинецот Игор Унхич, но во второто коло Павлов, кој е актуелен европски првак, загуби од светскиот првак, Бразилецот Даглас Бросе и тоа со прегласување, откако резултатот во регуларниот тек беше 1-1. Според информациите од нашиот табор, Павлов бил оштетен од судиите во една акција, во која тој требало да добие поен, а му бил доделен на противникот.

– На последниот турнир за годинава без добар резултат, но јас никогаш нема да се откажам од пласман на ЛОИ во Токио. Се надевам дека следната 2020 година ќе биде многу успешна. Ви благодарам на сите за поддршката – изјави Павлов по настапот во Мадрид.

Берат Јакупи, кој на олимписката листа е 34-ти, со 1.575 бода и има шанси да биде дел од ЛОИ во Токио, минимално загуби во првата борба од Французинот Еси да Коста. Ангела Мојсовска (до 68 кг) ја совлада Викторија Грејнер од Полска, но загуби од Французинката Ализ Ажиер, а Петар Заборски (до 75 кг), го победи Карсон Греј Трасон од Јужноафриканската Република, а загуби од Естонецот Павел Артамонов. Каташката Пуликсенија Јованоска, која е на 39-то место на олимписката ранг-листа, беше седма во својата групата со 22,54 поени, а каташот Фери Исиќ шести во својата група со 22,4 бода. Петар Спасеновски, Виктор Крстевски (двајцата до 84 кг), Драгана Манговска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), загубија во првото коло. Следниот турнир од Премиер-лигата е во јануари во Париз.