Каратистите се во Мадрид по нови олимписки бодови

77
Емил Павлов

Во Мадрид очекувам, пред сѐ, да го дадам својот максимум и да имам добар настап. А ако се случи тоа, сигурен сум дека ќе претендирам на највисоките места, кои носат значајни бодови, вели двократниот европски првак Павлов, кој во моментов е 25-ти на олимписката листа за пласман на Игрите в година во Токио

Македонската 10-члена експедиција утре и задутре ќе настапи на седмиот турнир во годинашната престижна Премиер-лига во карате, каде што ќе настапат по 64 најдобри каратисти во секоја категорија. Во конкуренција на 772 натпреварувачи во борби и во кати од 421 клуб, од 89 држави, за Македонија ќе настапат Емил Павлов (категорија до 60 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи, Петар Спасеновски, Виктор Крстевски (сите до 84 кг), Драгана Манговска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), сите во борби и Фери Исиќ и Пуликсенија Јованоска во кати.

Турнирот е мошне значаен за оние каратисти што бркаат бодови за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, а тоа се Павлов, Јакупи, Јованоска…

– Во Мадрид очекувам, пред сѐ, да го дадам својот максимум и да имам добар настап. А доколку се случи тоа, сигурен сум дека ќе претендирам на највисоките места, кои носат значајни бодови. Ова го велам оти се чувствувам добро, во одлична форма сум, а самодовербата ми е на највисоко ниво. Посакувам само така да биде и на татамите – вели репрезентативецот Павлов.

Тој на ноемвриската олимписка ранг-листа во својата категорија е 25-ти со 2.092,5 бода, односно 1.020,5 повеќе во однос на августовската листа, со што напредуваше за 22 места, а тоа се должи на триумфот на последниот ваков турнир во Москва, на кој освои 990 бода.

Павлов, кој моментно е на осмото место во Премиер-лигата со 1.440 бода, а вкупно на светската листа е 10-ти со 9.426 бода (води Бразилецот Даглас Бросе со 18.881 бод), за Шпанија го врзуваат убави спомени, оти годинава на Европското првенство (ЕП) во Гвадалахара го одвои бронзениот медал, што претставуваше четврти медал од ЕП. Претходно тој освои бронза и во Монпелје (2016 година), како и две злата во Тампере (2014) односно Нови Сад (2018).

Својата шанса за висок пласман и пат за Токио ќе ја бара и Јакупи, кој е носител на бронзен и на сребрен медал од ЕП за сениори. Тој моментно е 34-ти со 1.575 бода (првопласираниот Угур Акташ од Турција има 7.417 бода), а најдобриот пласман годинава му е петтото место во Рабат (Мароко), кога освои и 450 бода. Во Премиер-лигата, пак, е на 22-то место со 720 бода.

Можност за висок пласман може да оствари и каташката Јованоска, која моментно има 667,5 бода (води Сандра Санчес од Шпанија со убедливи 8.842 бода), годинава на ЕП во Шпанија го освои петтото место, а на претходниот турнир од Премиер-лигата го освои 19-то место.

На ЛОИ 2020 ќе настапат по десет каратисти во секоја од трите категории во борби и по една во кати во обете конкуренции.