Како до шаховска титула – со тајбрејк, со нов меч или со реми?

232

Ова е тешко прашање, но засега сметам дека тајбрејкот е најдоброто решение. Тајбрејкот е еден вид бонус за кандидатот за освојување на титулата, за да докаже дека е посилен, вели македонскиот велемајстор Кирил Георгиев

Последните два меча за титулата светски првак во класичен шах во машка конкуренција, Карлсен – Карјакин (2016 година) и Карлсен – Каруана (2018 година), како и неодамна завршениот женскиот дуел за најдобра шахистка во светот помеѓу Ју Венјун и Александра Горјачкина, беа одлучени во тајбрејк со партии со побрзо темпо на игра, што го отвора и прашањето дали оваа е најдобрата формула за добивање нов шампион или, пак, да се врати она, кога по нерешениот исход, актуелниот првак и понатаму остануваше на тронот. А, можеби треба да се бара некое трето, попрецизно решение.

Примери има во шаховската историјата за првите две опции, но познат е и случајот од дуелот Карпов – Каспаров (1984 година), кој и не се доиграл поради премногу (40) реми-партии, па била донесена одлука (поради исцрпеност на играчите) мечот да се преигра. Тоа беше повод да го чуеме размислувањето на неколку шахисти и шахистки по ова прашање, во кое на крајот преовладуваше констатацијата дека новиот шампион, сепак, треба да се добие со одигрување дополнителен број партии (тајбрејк) со побрзо темпо на игра.

– Ова е тешко прашање, но засега сметам дека тајбрејкот е најдоброто решение. Порано, при нерешен резултат, на пример 12-12, Ботвиник двапати ја задржувал титулата против Бронштајн во 1951 година и против Смислов во 1954-та. Тајбрејкот е како еден вид бонус за кандидатот за освојување на титулата, за да докаже дека е посилен – вели велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев.
Поумерен во своите ставови е искусниот македонски интернационален мајстор (ИМ) Атанас Кизов.

– Поправилно е да се игра за светската титула додека некој не победи. Е, сега, тоа може да трае долго, па се настојува некако да се скратат тие дуели. Сепак, за мене старите мечеви за светски првак се вистинското мерило. Од тие мечеви и се учи – смета Кизов.

За ИМ од Србија Борољуб Златановиќ, и едното и другото имаат свое оправдување.
– Се двоумам и не сум сигурен. Има причини и за едното и за другото. Да кажеме дека сум за тајбрејк, но да има и 12 партии со забрзано темпо, а потоа и 12 партии со брзо темпо. И повтoрно 12 со забрзано и брзо темо, наизменично додека не победи некој. А, категорично сум против армагедон-партија, како и некој со помош на вајлд-карта да игра за титулата светски шампион – вели Златановиќ.
ИМ Филип Панчевски во опција ја става и варијантата да се игра и подолг класичен меч ако е нерешено во регуларниот дел.

– Мислам дека треба да се игра тајбрејк или да се игра подолг класичен меч, но и таму повторно постои опасност од нерешен исход. Сепак, неправедно е да остане титулата кај актуелниот шампион при нерешен резултат – вели Панчевски.
И за женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) и шахистка со највисок активен рејтинг во Македонија, Моника Стојковска (2.106), тајбрејкот е прва опција.

– Сметам дека доколку е нерешено во регуларниот дел, најспортски е да се одлучи победникот со тајбрејк, односно да им се даде шанса и на двајцата играчи да ги покажат своите квалитети и со побрзо темпо на игра, иако ние шахистите знаеме дека тоа е многу непријатно и бара да се биде во добра играчка форма – смета Стојковска, со чие мислење дека треба да има доигрување се согласува и ЖИМ Габриела Коскоска.