И Шаховската олимпијада е одложена за 2021 година

91

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) соопшти дека Шаховската олимпијада (ШО), закажана од 5 до 17 август годинава во Москва, како и Конгресот на ФИДЕ во Канти-Мансијск, се одложени за 2021 година на истите локации.
– ШО е најпопуларната манифестација на ФИДЕ, на која учествуваат илјадници луѓе, меѓу кои играчи, тренери, службени лица и гледачи. Мисијата на ШО не е само да ги утврдува спортските резултати туку и да ја популаризира шаховската игра и да ги обедини љубителите на шахот во светот. Во исто време, ФИДЕ е и длабоко загрижена за растечката пандемија на коронавирусот, па земајќи ги предвид извештаите на Светската здравствена организација, кои укажуваат на постојан пораст на заболени луѓе во светот, како и одлуката на Интернационалниот олимписки комитет во врска со ЛОИ 2020, ФИДЕ одлучи да ги одложи 44-та ШО (вклучувајќи го и турнирот на шахисти со хендикеп) и Конгресот на ФИДЕ. Овие настани, кои требаше да се одржат во Москва и во Канти-Мансијск летово, се презакажани за 2021 година на истите локации. ФИДЕ ќе продолжи напорно да работи за да поддржува разни шаховски активности, а истовремено да се грижи пред сѐ за здравјето на целата шаховска заедница – се вели во соопштението на советот на ФИДЕ.

Претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Благоја Богоевски, вели дека панедемијата ќе влијае и врз македонскиот шах.
– Очигледно ова беше единственото адекватно решение на ФИДЕ, која сериозно ја сфати моментната ситуација и ја одложи ШО. Но панедемијата на коронавирусот секако дека негативно ќе се одрази и врз македонскиот шах. Покрај одложувањата на домашните првенства во сите категории, барем до септември или октомври, ако воопшто се создадат услови, во план ни беше и женската репрезентација да има заеднички подготовки за настап на ШО. Како што е познато, идната година Македонија е домаќин на Европскиот клупски куп (ЕКК) и тука засега нема промени – вели Богоевски.