Италија по четврти пат светски првак во ватерполо

89

Ватерполистите на Италија се новите светски прваци, четврти пат во историјата, по 1978, 1994 и 2011 година. Во финалето на Светското првенство (СП) во Гванжу, Кореја, Италија ја декласира Шпанија, победувајќи ја со 10-5 (2-2, 3-1, 3-1, 2-1). Шпанија остана на двете светски титули освоени во 1998 и 2001 година.
За двете репрезентации ова беше шести настап во финалињата на СП и втор меѓусебен. Првиот беше во Рим во 1994-та, и тогаш поуспешни беа Италијанците, со идентични 10-5!

Бронзениот медал го освои Хрватска, која во мечот за третото место беше подобра од Унгарија, 10-7 (2-1, 2-2, 2-2, 4-2). За Хрватска ова беше седми медал во низа од СП, почнувајќи од Мелбурн 2007 (злато), потоа следуваа трите бронзи во Рим 2009, Шангај 2011 и Барселона 2013, среброто во Казан 2015 и златото пред две години во Будимпешта.