Ислами под очекувањата, Ивановски трча напладне

82

Македонската претставничка на 24. Европско првенство (ЕП) во атлетика што се одржува во Берлин, Германија, Дрита Ислами (22), имаше скромен настап во вчерашните утрински квалификации. Таа настапи во трката на 400 метри со пречки, во втората група, и забележа најслабо време од сите атлетичарки (вкупно 21-на), 1:02,23 минута. Тоа е многу послабо од нејзиниот државен рекорд, 59,33 секунди, поставен лани во јуни во Охрид, но и од најдоброто време сезонава, 1.00,68 минути, на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија.

Денеска напладне на ЕП, во квалификациите на 1.500 метри, ќе настапи вториот македонски атлетичар, Дарио Ивановски (21). Неговиот личен рекорд во оваа дисциплина изнесува 3:47,13 минути, остварен на МИ во Тарагона во јуни. Рекордер на Македонија на 1.500 метри е Ване Стојанов, 3:45,91 минути, поставен во 2001 година.
– Дрита истрча слабо најмногу поради топлото време, вчера во Берлин беше над 30 степени. За денеска се најавува уште потопол ден, со 37 до 38 степени, а Дарио Ивановски треба да трча напладне, во 12 часот. Тој ќе настапи во првата од трите групи, во дисциплината (1.500 метри) во која има многу моќни атлетски имиња, сите се со времиња под 3.40 минути. Само Дарио и уште еден атлетичар имаат времиња од по 3.47 и 3.48 минути што кажува сѐ. Но јас верувам дека тој ќе истрча најдобро што може во моментов и ќе забележи вреден резултат – изјави тренерот на македонските атлетичари на ЕП, Игор Јакимовски.

Во ЕП во Берлин, кое ќе трае до 12 август, учествуваат околу 1.600 атлетичари од 51 земја, кои се натпреваруваат во 47 дисциплини.