Игор Вори на чело на Комисијата за спортисти на ИХФ

164

Светската ракометна федерација (ИХФ) на својот Конгрес во Каиро ја назначи хрватската ракометна легенда Игор Вори за претседател на Комисијата за спортисти на ИХФ. Конгресот беше одржан на крајот на февруари, но поради специфичната ситуација со коронавирусот одлуките донесени на таа седница ИХФ ги објави со мало задоцнување.

– Ми претставува особена чест тоа што ќе бидам на чело на Комисијата за спортисти на ИХФ. Се надевам дека ќе можам да одговорам на оваа предизвикувачка улога во овие навистина тешки моменти за сите нас во ракометното семејство. Спортските организации, спортистите, како и целиот свет се наоѓаат во исклучително незавидна ситуација предизвикана од коронавирусот. Се надевам на добра соработка со спортистите и сo челниците на ИХФ и верувам дека ќе го најдеме најмалку болното решение за сите нас – рече Вори.

На чело на претседателската функција на Комисијата за спортисти на ИХФ Вори ќе се задржи повеќе од една година, односно до Летните олимписки игри во Токио за кога се закажани нови избори за водечките функции во светската куќа на ракометот.