Злато за Неделковски и за Божиноска на „Кроација опен“

164

Македонските претставници освоија вкупно осум медали во мошне силна конкуренција на 1.663 каратисти, од 268 клуба од 22 држави

Александар Неделковски (17) од Металург во кати и Магдалена Божиноска (категорија до 59 кг) од клубот Олимпик спорт во борби освоија златен медал во јуниорска конкуренција на мошне силниот меѓународен турнир „Кроација опен“, викендов во Самобор, Хрватска. Неделковски во конкуренција на 42 натпреварувачи, во финалето славеше над Украинецот Јарослав Федоров. Неделковски блескаше на истиот турнир и минатата година, кога освои сребро во сениорска и бронза во јуниорска конкуренција. Тој е и актуелен шампион на Македонија.

– Задоволен сум од прикажаното и од освоениот медал, кој го очекував, особено што конкуренцијата беше исклучително силна. Според новите правила, каташите се поделени во групи од по осум натпреварувачи, а најдобрите четворица од секоја група одат понатаму. Во сите четири настапи во групите бев прв. Во финалето славев против квалитетниот Украинец со половина поен повеќе. Во февруари ме очекува Европското кадетско-јуниорско првенство во Будимпешта, каде што, исто така, ќе атакувам на еден од медалите. Подготовките за ЕП веќе почнаа, еден дел одржав во Хрватска, а вториот дел ќе биде во мојот матичен клуб Металург – ни изјави Неделковски.

Со два медала во две конкуренции (сребро во јуниорска и бронза во конкуренција на постари јуниорки, до 21 година), се закити 17-годишната Марија Милева (до 55 кг) од клубот Олимпик спорт, бронзи во борби освоија јуниорите Стефан Стојановиќ (до 76 кг) и Марија Петровска (до 48 кг), и двајцата од Макпетрол, како и женскиот ката-тим на Гладијатор, а бронза ката-тимот 1 на Фунакоши Гичин. На турнирот, на кој настапија 1.663 натпреварувачи (кати и борби) од 268 клуба од 22 држави, а гранприто и наградата од 2.000 евра му припаднаа (како и лани) на Хрватот Иван Квесиќ.