За продолжение на сезоната ќе бидат потребни мини-подготовки

65

Доколку се создадат услови за продолжување на сезоната, факт е дека ќе ни треба и дополнителен период за подготовка и за враќање во колосек, вели ракометниот тренер Кастратовиќ. Фудбалскиот тренер Михајлов вели дека „сѐ зависи од должината на паузата“. Според Рајковиќ, македонски кошаркарски тренер, „хипотетички, од аспект на доведување на спортистите во минимум форма да играат мечеви по голема пауза, тоа е комплексно прашање и е потребен индивидуален пристап“

Актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот во светот негативно се одразува и на спортистите и спортот воопшто. Мечеви речиси воопшто не се играат, а отсутноста од спортските терени негативно влијае и врз формата на спортистите. За тоа колку време е потребно за да се достигне потребната форма по нормализација на ситуацијата и евентуалното продолжување на прекинатите првенства, побаравме мислења од македонски тренери.
– Тоа, пред сѐ, зависи од должината на паузата. Тоа е уште потешко кога станува збор за екипен спорт, за разлика од индивидуалниот, оти сето тоа треба да се состави на теренот.

Ако паузата трае, да речеме 30 дена, тогаш, според мене, потребни се три-четири недели активен тренинг, а ако се 60 дена, тогаш и до шест недели. Но не треба да заборавиме и дека за да се надомести загубеното време во домашното првенство, на пример ако продолжи во мај, сигурно ќе се играат натпревари среда, недела, среда, што повлекува со себе опасност многу фудбалери да не можат да го издржат тоа темпо по паузата и можно е да се соочат со повреди. Понатаму, многу битен момент е и психолошкиот, фудбалерите веќе нема да бидат исти како пред прекинот – вели тренерот на фудбалскиот прволигаш Борец од Велес, Горазд Михајлов.

Ракометниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ, смета дека две седмици е минимумот што би бил потребен за колку-толку да ја консолидира својата екипата за продолжување на првенството.
– Доколку се создадат услови за продолжување на сезоната, факт е дека ќе ни треба и дополнителен период за подготовка и за враќање во колосек. Ако ситуацијава со коронавирусот се одолжи и во април, ќе бидеме исто како пред почеток на сезона по летна пауза. Ќе биде тешко за сите, но сметам дека сезоната треба да ја доиграме – вели Кастратовиќ.

Емил Рајковиќ, македонски кошаркарски тренер, смета дека оваа натпреварувачка сезона нема да биде доиграна.
– Тоа е мое мислење, впрочем тоа го потврдија и голем број лиги и спортски настани, кои веќе се откажани. Хипотетички да говориме, од аспект на доведување на спортистите во минимум форма за играње мечеви по голема пауза, тоа е комплексно прашање и е потребен индивидуален пристап. А тој зависи од многу фактори, како на пример од кога спортистот престанал со тимски тренинзи и какви вежби правел во самоизолација. Обично на активен спортист/кошаркар, по завршување на сезоната и летен одмор, му се потребни најмалку шест недели активни тимски тренинзи за да се постигне некаква форма, потребна за одигрување официјални натпревари – вели Рајковиќ, тренер на Астана.
Поради пандемијата беа донесени различни решенија во многу земји, некои ги прекинаа првенствата и прогласија прваци, во други чекаат соодветна одлука од надлежните спортски тела, а во трети, пак, најавуваат доигрување.

– Ако зборуваме за врвен спорт, ниту еден спортист со пауза од 30-40 дена и тренинг во домашни услови не може за седум или 10 дена да се подготви за продолжување на натпреварувањето и притоа да покаже врвни игри и резултати. Доколку се среди ситуацијата со коронавирусот и доколку се дозволи продолжување на натпреварувањата, минимално време за враќање во некоја „блага натпреварувачка форма“ е три седмици. И тогаш нема да биде она вистинското, бидејќи во тие три седмици ќе се форсира и физичка и техничко-тактичка подготовка. Ефектот на теренот нема да биде одраз на вистинските квалитети ниту на поединците, ниту на екипите, а со тоа се губи смислата за спортско надигрување и натпреварување – вели поранешниот ракометен селектор Ристо Магдинчев.