За македонските нордијци почнува серијата големи трки

197

Во следниот период, репрезентацијата треба да настапи на 58-от Мавровски меморијал, на ЕП и СП во биатлон, а круна на предолимписката сезона би требало да биде 42-то СП во нордиско скијање

Четиричлената македонска селекција во нордиско скијање, Ставре Јада, Дарко Крстески, Андонаки Костоски и Михаела Данoска, предводена од тренерот и селектор Ѓоко Динески неделава е на подготовки и на натпревари во германскиот зимски центар Арбер. Олимпиецот Јада го освои 66-то место во биатлонската трка на 15 км, индивидуално, во рамките на Купот на ИБУ, во конкуренција на 154 натпреварувачи (за 127 ИБУ-поени) со што го потврди настапот на Светското првенство (СП) на Покљука, Словенија, од 9 до 21 февруари. Во Арбер, Јада настапи и во спринт на 10 км (120. и 88. место).
– Добри трки и добри пласмани за Јада, со оглед на фактот дека ова му беа први трки сезонава во која многу настани се одложија или се откажаа поради ковид-19. По Арбер заминуваме на Европското првенство во биатлон, во Дужники, Полска, од 24 до 31 јануари, каде што ќе настапи само Јада, во трката на 20 км, индивидуално, на 27 јануари и два дена подоцна во спринтот на 10 км – ни изјави Динески.

По ЕП во Полска, македонските нордијци се враќаат во Македонија, на натпреварите на традиционалниот, 58. Мавровски меморијал, кој е закажан за 3 и за 4 февруари. Веднаш потоа следува СП во биатлон, каде што повторно ќе учествува само Јада. Круна на сезоната би требало да биде 42-то СП во нордиско скијање, во Оберсдорф, Германија, од 22 февруари до 5 март.
– На Меморијалот во Маврово би требало да настапат сите македонски скијачи и скијачки, а на СП во Оберсдорф деветмина, шест во машка и три во женска конкуренција. Ова е тешка сезона, со многу проблеми, згора е предолимписка и сѐ требаше да биде поинаку. Пандемијата си го стори своето, и сега ни останува да се понадеваме дека некако ќе ја завршиме сезонава, па макар и со редуцирани трки и без нови откажувања – вели Динески.