Занго го собори светскиот рекорд на својот тренер

100
Фабрис Занго

Атлетичарот од Буркина Фасо прескокна 18,07 метри на натпревар во Франција, во сала. Британецот Едвардс од 1995 година го држи светскиот рекорд во трискок на отворено, со скок од 18,29 метри

АТЛЕТИКА – ТРИСКОК ВО САЛА

Фабрис Занго од Буркина Фасо стана првиот атлетичар со трискок од над 18 метри во затворен простор, откако прескокна 18,07 метри на натпревар одржан во Обиер (Франција).
Со тоа, 27-годишниот атлетичар го собори светскиот рекорд во сала од 17,92 метри, поставен од неговиот тренер Теди Тамго (Франција) во 2011 година, пишува „Би-би-си“.
Занго, кој го освои бронзениот медал на Светското првенство одржано во 2019 година, зад Американците Кристијан Тејлор и Вил Клеј, се надева дека ќе го освои првиот олимписки медал за неговата земја во Токио годинава, пишува „Би-би-си“.
Британецот Џонатан Едвардс го држи светскиот рекорд во трискок на отворено, со прескокнати 18,29 метри во Гетеборг (Шведска), на Светското првенство во 1995 година. Едвардс на тој Мундијал стана првиот што прескокнал 18 метри, двапати поставувајќи светски рекорд, прво со 18,16 метри, а потоа со 18,29 метри.
Актуелниот најдобар резултат на Занго на отворено е 17,66 метри, забележан во 2019 година, а неговиот тренер Тамго е еден од само шесте атлетичари, вклучувајќи ги Едвардс, Тејлор и Клеј, што прескокнале повеќе од 18 метри во трискок на отворено, пишува „Би-би-си“.