Закрепнувањето од повредата за петти триумф на Тур ме мотивира

33

КРИС ФРУМ, ВЕЛОСИПЕДИСТ

Британецот Крис Фрум верува дека може целосно да закрепне од повредата и петти пат да победи на Тур де Франс и да стане вториот најстар победник на легендарната велосипедска трка. Фрум (35) лани се бореше да се врати во форма по сериозната повреда во 2019 година.
– Да победам на Тур на моја возраст и да се вратам по тешката повреда, ме турка напред. Начинот на кој еволуира исхраната и начинот на кој еволуира спортот придонесуваат спортистите успешно да ја продолжат кариерата и јас би сакал да го докажам тоа – вели Фрум, кој последната голема грантур-победа ја забележа на Џиро д’Италија во 2018 година.
Фрум би можел да стане вториот најстар велосипедист што победил на Тур, по Белгиецот Фирмин Ламбо во 1922 година (36 години). Тој имаше незгода со повеќе скршеници во 2019 година, а лани се обидуваше да се врати во поранешната форма. На Тур лани победи 22-годишниот Словенец, Тадеј Погачар, во еден од најдраматичните завршетоци на трката во историјата.
– Мислам дека годинашната трка ќе биде фантастична, има добра рамнотежа меѓу возбудливи завршетоци на етапите на врвовите на планините и две хронометарски етапи. За мене, на хартија, тоа изгледа како одлична трка. Гледајќи ги последните четири-пет трки, ова е една од поизбалансираните. До скоро имаше сѐ повеќе планински етапи, но за мене ова отсекогаш беше трка меѓу специјалистите за ридски етапи и оние што се тркаат против времето. И се надевате дека вкупен победник ќе биде некој што е еднакво добар во двете категории – вели Фрум, кој има четири победи на Тур (2013, 2015, 2016 и 2017), две на Вуелта (2011, 2017) и една на Џиро д’Италија (2018).