Д-р Аљоша Недев со три светски злата

115

Неостварена желба – шампионска европска титула. За разлика од настапите на првенствата на Стариот Континент, во светска конкуренција трипати се искачуваше на највисокото место на пиедесталот. Белото кимоно го привлече од најраното детство

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (175)

Приказната за спортското семејство Недеви ќе ја заокружам со сторијата за Аљоша, постариот брат на близнаците Дејан и Јадранка. Најмногу по заслуга на таткото Венцислав, тие го издигнаа традиционалното карате во Македонија до светските височини. Сите се закитија со медали од најголемите светски приредби, а одбранија и три докторски дисертации. Затоа, со респект треба да се гледа кон ова спортско семејство, кое даде голем придонес во афирмацијата, не само на каратето туку на спортот воопшто во ова наше македонско поднебје.
– По редот на нештата, сите три деца тргнавме по ист пат, оној што почна да го гради нашиот татко Венцислав. Тоа на некој начин беше нормално, а што беше интересно за мене, јас уште од четвртата година се вљубив во белото кимоно. Единствено ми беше жал што не можев да го облечам, зашто величина на кимоно за дете на мојата возраст немаше, па затоа требаше да почекам неколку години за конечно и јас да го облечам и да се почувствувам како „вистински“ каратист. Инаку, не треба да повторувам дека нашиот татко беше оној што нѐ насочи кон овој спорт, во кој и ден-денес е активен, и благодарение пред сѐ на него, повеќе од 50 години егзистира карате-клубот Работнички, кој според мое мислење е една од најцврстите спортски средини во нашата држава. Ова нѐ прави горди сите во семејството и со голема љубов се бориме да го одржиме високото ниво на клубот, кој создаде многу шампиони во традиционалното карате – вели Аљоша.

ПРВИОТ МЕДАЛ ВО ШЧЕЌИН

На 5-6 години Аљоша почна да се натпреварува. Но бидејќи беше помал за две-три години од другите, тешко доаѓаше до шампионското место. Во тој период супериорен меѓу помладите каратисти беше Благојче Андреевски, со кого подоцна настапуваа заедно во екипните натпревари, а со Јадранка имаа и медали од врвните приредби. Требаше да поминат уште две-три години, Аљоша да созрее и тој да почне да освојува медали во пионерска, подоцна и во кадетска конкуренција.
– Бидејќи храброста ми е една од главните особини, бев многу воинствен, па татко ми постојано ме опоменуваше да бидам внимателен, особено кога настапував во дисциплината борба. Едноставно, стравуваше да не се впуштам пресмело во борба и да добијам некој незгоден удар. Затоа, во младите години постојано ме насочуваше кон тренинзите и настапите во кати, каде што нема директен контакт со противникот – вели Аљоша.
Кога имаше 12 години, иако уште пионер, Аљоша настапи на младинското кадетско првенство во Шчеќин (Полска) и го освои првиот медал, бронзен. Оттогаш почнаа да се нижат успесите и витрините постојано да се исполнуваат со нови трофеи.
– Интересно е дека со 14 години бев учесник и на Светското првенство за сениори во Монтреал во 1992 година. Таму бев најмлад учесник и заедно со Гоце Крстевски и со Благојче Андреевски во кати, екипно, се пласиравме на седмото место. Првиот сениорски медал од СП, бронзен, го освоив во екипна конкуренција во борби во 1993 година во Италија – вели Аљоша.

НА БАЛКАНИЈАДАТА ВО АТИНА ТРИ ЗЛАТА

Во кариерата на Аљоша особено треба да се обележи настапот на ЕП за младинци во Скопје во 1995 година, на кое неговиот брат Дејан стана шампион.
– Настапував во ембу и стигнав до финалната борба. Меѓутоа, претходните борби толку многу ме исцрпија, така што пред финалето по препорака на докторот на репрезентацијата Савески отидов во болница да примам инфузија. Така, во тој интервал од последната до финалната борба малку се освежив, но, сепак, немав доволно сили и настапот го завршив на второто место. Во финалето за противник го имав италијанскиот шампион, кој ја искористи мојата моментна физичка слабост и така тој дојде до златниот медал. Ми остана да жалам што не успеав пред своите гледачи да ја освојам европската титула и да му се придружам на брат ми Дејан. Но, сепак, не бев разочаран, зашто и вицешампионската титула беше голем успех за мене – продолжи Аљоша.

Во меѓувреме Аљоша почна да реди успеси и да освојува медали на балканските шампионати, од кои, секако, нема да го заборави оној во Атина, на кој освои дури три злата, во борби, фукуго и во кати. Инаку, 2000 година беше една од најплодните во неговата кариера. Тогаш стана и победник во Светскиот куп во борби во Рим. Во периодот од 2000 до 2005 година Аљоша освои втори и трети места на СП за сениори, беше трет во борби екипно на СП во Болоња, а во 2002 година во Белград во истата дисциплина беше втор. На ЕП во Скопје во 2004 година освои два медала, сребрен и бронзен во борби екипно и поединечно.
Кога се очекуваа нови резултати во сениорската елита, Аљоша доживеа сообраќајна незгода. Повредите не беа наивни и тој мораше речиси пет години да се оддели од татамите.
– Желбата да се натпреварувам не ме напушташе. Навистина помина долго време, но, сепак, успеав да се вратам и да постигнувам резултати, кои повторно ме „исфрлија“ во светскиот врв. Дури периодот по рехабилитацијата беше најплодниот во мојата кариера. Впрочем, тогаш ги освоив трите златни медали на светските првенства. Но мора да кажам дека околу четири години настапував само во кати за да се вратам во старата форма, а потоа дојдоа и настапите во борби. Но тогаш, за мое разочарување, дојде до нов малер во нашето семејство. На еден семинар во Виена, демонстрирајќи некои зафати со Јадранка, таа доби скршеница на ногата. Тоа тешко го преболев, но Јадранка покажа дека е цврста, па помина низ сите искушенија и, побрзо од очекувањата, се врати во арената и продолжи со постигнување врвни резултати – ја продолжи својата приказна Аљоша.

КАИРО ЗА НЕЗАБОРАВ

Откако се врати на татамите, доаѓа можеби најубавиот дел од неговата кариера. На Светското првенство во Каиро во 2014 година, по шест тешки борби, стигнува до финалето, во кое за противник требаше да го има никој друг, туку помладиот брат Дејан. Иако многумина очекуваа мирна борба, сепак, не беше така.
– Не само што не се штедевме туку напротив, влеговме во жесток дуел, во кој имаше размена на удари на двете страни. Дејан, кој веќе имаше победи на европските шампионати, го посакуваше и првото злато од СП. Но не дојде до тоа. Откако мечот заврши без победник, со гласање на судиите ми беше доделена победата. Во тие моменти чувствата како да ми се измешаа, од една страна бев среќен што станав светски првак, а од друга страна ми беше жал што не му се исполни желбата на Дејан, на европското да придодаде и светско злато. Но тој тоа го направи подоцна, па, така, ништо не му недостига во кариерата. По успехот во Каиро, јас уште двапати станав светски, а ниту еднаш не успеав да станам и европски првак. Што да се прави, таква ми била судбината – вели Аљоша.
Инаку, пред Каиро, Аљоша имаше една непријатна случка, кога во Рим му беше украдена чантата со документите и паричникот.

– Тоа се случи во метро. Над чантичката имав фотоапарат и не почувствував кога крадецот ја завршил работата. По многу перипетии, благодарение на мојот татко, кој го употреби сиот свој авторитет, па иако амбасадорот на нашата држава не беше во Рим, тука со документ како замена за пасош дојде конзулот од Венеција, па, така, го продолжив патот за Каиро. Покрај радоста од победата и светското злато, сепак на аеродромот во Каиро имав и непријатна случка. Поради тоа што стигнав со обична белешка, морав една ноќ да поминам затворен во една соба на аеродромот. Овој момент нема никогаш да го заборавам, како што не можам да ги заборавам и славјето и радоста за освоената светска титула – вели Аљоша.


Д-Р АЉОША НЕДЕВ

Роден: во 1978 година во Скопје
Кариера: КК Работнички, репрезентација на Македонија
Успеси: трипати светски првак, двапати вицешампион и трипати трет на СП за сениори, двапати втор и пет пати трет на ЕП за сениори, пет титули (екипно и поединечно) балкански шампион, победник на ЕП за младинци и за кадети