Драгољуб Јаќимовиќ – велемајстор со олимписко злато

81

На шаховската Олимпијада во Истанбул во 2000 година, бранејќи ги боите на Македонија, беше најуспешен шахист на третата табла. Учествуваше на вкупно пет олимпијади, меѓу кои и на дебитантскиот старт на Македонија во Москва во 1994 година. Тој е носител на велемајсторската титула, а две години беше и шампион на Македонија

Драгољуб Јаќимовиќ
– велемајстор со олимписко злато

На овие наши простори, сметајќи ги тука и оние југословенските пред распадот на поранешната држава, шахoт беше една од најпопуларните игри. Затоа, не беше случајно што Југославија секогаш беше меѓу најуспешните нации на олимпијадите и на европските првенства. Плејадата шаховски великани беа предводени од светски познатите велемајстори – Глигориќ, Матановиќ, Ивков, Матуловиќ, потоа Парма и Љубоевиќ и уште десетина врвни мајстори во древната игра. Нивните резултати беа голем мотив за младите, кои следејќи го нивниот шаховски пат, посакуваа еден ден и тие да станат славни, дури некои и професионално да се занимаваат со шахот, па, така, преку него да ја обезбедат својата егзистенција. Еден од многуте таленти што се појавија во Македонија беше и Драгољуб Јаќимовиќ, кој со настојчива работа и посветеност кон шахот не само што стана наш прв професионалец туку стигна и до златниот медал играјќи на третата табла на Олимпијадата во Истанбул во 2000 година.

БИДЕВ ЈА ОТВОРИ ШИРУМ ВРАТАТА

Кај нас во Македонија најголема заслуга за подемот на шахот и неговиот пробив меѓу младите има првиот наш шаховски мајстор Бидев. По него се појави една група на талентирани шахисти, во која, сепак, би ги одделиле и нашите први интернационални мајстори Јован Софревски и Ристо Ничевски. Двајцата во одредени периоди беа членови и на силниот југословенски шаховски тим, во кој Софревски често ја имаше и улогата на тренер и секундант.
– Потпирајќи се на неговото искуство, откако Македонија стана самостојна држава, тој беше назначен и за селектор на националниот тим и со него го имавме првиот олимписки настап во Москва во 1994 година. Во составот, покрај мене, беа уште Митков, Богдановски, Кутиров и Димовски. Софревски беше и голем теоретичар, често се случуваше по цели ноќи да не затвори око размислувајќи за тоа како ние, актерите, да им се спротивставиме на противниците. Тој беше толку навлезен во шахот, така што ги знаеше добрите и лошите страни на сите, па, така, неговите совети за тоа како да ја развиваме играта ни беа од голема корист – вели Јаќимовиќ.
Но ова се случуваше во подоцнежниот период од кариерата на Драгољуб Јаќимовиќ. Интересно е да слушнеме како тој дојде во шахот и која беше онаа иницијална каписла за да седне над шаховската табла.

– Во 1976 година бев во Домот на младите да ги следам партиите од „Средбата на солидарноста“, на која настапуваа многу познати имиња од светот на шахот. Тогаш првпат посакав и јас еден ден да бидам како нив. За моја среќа, и вујко ми беше голем вљубеник во шахот, па, така, со негова помош почнав и јас да ги „мрдам“ фигурите. Потоа дојдоа и првите официјални настапи во пионерска конкуренција. Мора да кажам дека стартот ми беше поразителен, бев последен на пионерското првенство на Македонија. Но тоа воопшто не ме разочара, туку, напротив, ме поттикна максимално да му се посветам на шахот и да им покажам на сите дека и од мене може да стане нешто – вели Јаќимовиќ.
И навистина беше така, Драгољуб Јаќимовиќ во тоа време стана најмладиот мајсторски кандидат, титула до која, во острата конкуренција, тешко се доаѓаше.

РАНГИРАН МЕЃУ СТОТЕ ВО СВЕТОТ

Во периодот кога навлегуваше во тајните на шахот, Јаќимовиќ имаше среќа што истовремено на сцена беа и извонредните Богдановски и Станојоски. Подоцна, се разбира во различни периоди, сите станаа велемајстори.
– Во мојата клупска кариера најпрво бев член на Градител, потоа на Студент, за на крајот да станам член на сигурно најдобриот шаховски колектив во Македонија, Алкалоид, каде што имаше услови за работа и за врвна професионална организираност. Заслуга за тоа, покрај спонзорот, секако имаа и поранешните шампиони Никола Димовски и Лидија Софревска. Тие беа главните креатори на политиката, која доведе до тоа, навистина години подоцна, Алкалоид да се искачи на врвот на Европа. Jас и денес ја имам улогата на капитен на клубот, што ми е големо задоволство и чест – вели тој.
Јаќимовиќ во еден период настапуваше во Белград.

– Тогаш, не само во шахот, во кој веќе бев профилиран како професионален играч, доколку некој сакаше да напредува, мораше да помине низ еден од двата центра Белград или Загреб. Јас, откако првпат во 1985 година настапив за Алкалоид на државното поединечно првенство во Нови Сад, го свртев вниманието кон себе и, за моја радост, бев рангиран меѓу стоте играчи во светот. Овој момент беше решавачки да станам член на Белградскиот шаховски клуб, за кој настапував следните години. Со него имав чест да станам државен првак во екипна конкуренција, а во тој период станав и интернационален мајстор. Интересно е дека по распадот на Југославија, продолжив да играм за белградскиот клуб, а имав право да настапувам и за Алкалоид, бидејќи се работеше за клубови од две држави, а правилата на шаховската федерација го дозволуваа тоа. Првата скала за велемајсторската титула ја поминав во 1995 година на меѓународниот турнир на Алкалоид, а веќе следната година на Олимпијадата во Ереван ја исполнив и втората норма, со што и официјално станав велемајстор. Но оваа Олимпијада ми остана во тажно сеќавање, зашто таму почина еден од најголемите македонски шахисти и шаховски коментатори Ристо Ничевски. Тоа беше голем шок за сите нас – вели Јаќимовиќ.

Во меѓувреме, Јаќимовиќ двапати беше првак на Македонија, во 1996 и во 1998 година, а дури трипати го делеше почесното место. Играше и на затворените и на опен-турнирите во земјите од нашето опкружување. Од сите настапи, посебно во сеќавање му останала победата во Пловдив, а и загубеното прво место на турнирот во Бела Црква, каде што до последното 14-то коло бил во водство, но тогаш дошло до пресврт. Тој на крајот ремизирал, а Барлов победил и го освоил турнирот.

ИСТАНБУЛСКАТА ПРИКАЗНА

Сепак, кога се прелистува биографијата на велемајсторот Јаќимовиќ, излегува дека најубава е истанбулската приказна. Во градот на Босфор, во својот четврти олимписки настап, тој го постигна својот најголем успех. Беше најдобро рангираниот играч на третата табла и го освои златото. Ова беше голем успех за нашиот шах и потврда оти Македонија има талентирани шахисти и, не случајно, под палката на селекторот Иван Кочовски, го заврши настапот на Олимпијадата на седмата позиција.
– Интересно во сета оваа, би рекол, истанбулска приказна е тоа што јас во последното коло против Ерменија не настапив. Ова беше направено од тактички причини, зашто дотогаш во рангирањето на шахистите што настапуваа на третата табла стоев најдобро, па постоеше опасност ако против последниот противник, претставникот на Ерменија кикснам, да ја загубам предноста. На крајот сѐ се заврши како што предвидувавме, никој не ме помина и го освоив златниот медал. Единствено жалам што не настапив во тој последен меч, во кој со победата над фаворизираната Ерменија приредивме големо изненадување. Инаку, во Истанбул, од девет партии, во шест играв со црни фигури, но и тоа не ме спречи да дојдам до посакуваната цел – вели Јаќимовиќ.

Потоа, кариерата на Драгољуб Јаќимовиќ и понатаму продолжува и тој настапува уште на две олимпијади. Но кога почувствува дека не може да го издржи големиот товар, кој му натежнуваше на грбот од активното играње, ја прифати понудата да стане селектор на нашиот национален тим.
– Бидејќи по моето доаѓање дојде до смена на генерациите, успехот од Истанбул не можевме да го повториме. Но затоа на клупски план, нормално со засилувањата од странство и со одличната политика во клубот, за радост на сите вљубеници во древната игра, Алкалоид, во кој и денес сум капитен, стана европски шампион, а потоа и вицешампион. Зарем имаше нешто поубаво од тоа – вели велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ.


ДРАГОЉУБ ЈАЌИМОВИЌ

Роден: во 1964 година во Ќуприја
Кариера: ШК Градител, Студент, Алкалоид, Белградски шаховски клуб и репрезентација на Македонија
Успеси: златен медал на третата табла на Олимпијадата во 2000 година во Истанбул, учесник на пет олимпијади, капитен на европскиот шампион и вицешампион Алкалоид, двапати првак на Македонија (1996 и 1998) и трипати на делба на првото место, победник на повеќе турнири, екипен првак на поранешна Југославија со Белградскиот шаховски клуб, повеќекратен првак на Македонија со Алкалоид, носител на титулата велемајстор