Доминација на Чехинките во спустот на Матка

81

Доминација на кајакарките од Чешка во јуниорска и во сениорска конкуренција (до 23 години) во кајак-спуст на Европското првенство (ЕП) на дива вода, кое до утре ќе се одржува на реката Треска, кај Матка.

Мартина Саткова беше убедлива кај сениорките, делницата долга 3,5 км од кањонот на Матка до мостот на селото Шишево ја извозе за 10:32,39 минути. Од втората до четвртата позиција се пласираа уште три кајакарки од Чешка, Анешка Палудова (доцнеше 5,52 секунди), Барбора Баерова (13,69) и Клара Хрицова (14,87 секунди зад победничката).

Кај јуниорките првото место ѝ припадна на Барбора Димовова од Чешка (10:52,36), втора беше Верена Сулцер од Германија (плус 9,14), а трета уште една кајакарка од Чешка, Каролина Палудова (плус 13 секунди).

Во машка конкуренција, кај јуниорите најдобар беше Агустин Ребул од Франција (10:02,31 минути). На второто и на третото место се пласираа Франческо Чиотоли од Италија (плус 1,93), односно Бен Лангенбек од Германија (5,57). Меѓу сениорите првите две места ги освоија Германците, Марсел Пауфлер (9:42,72 минути) и Нико Пауфлер (плус 6,43 секунди), а трет беше Французинот Жан Пол (9,92).

Македонските претставници во двете конкуренции во кајак-спустот забележаа скромни пласмани. Кај јуниорите, меѓу 39 кајакари, Христијан Игнатов, Енис Небиовски и Мартин Мазнев ги освоија 35, 36 и 37-то место. Во сениорска конкуренција Виктор Миланов беше 35-ти, а Александар Златаров и Никола Димов беа на двете последни места, 39-то и 40-то, со заостанување од 2,5 односно 3,15 минути.

На првиот ден од ЕП се одржаа и натпреварите во Ц1 и во Ц2 во двете конкуренции. Денеска и утре на програмата се натпреварите во кајак-спуст во должина од 300 метри.