Дивите вепри поразени од орлите во Скопје

191

Вчера се одигра првото коло од првиот заеднички македонско-косовски турнир во рагби. На првиот натпревар на теренот на ФК Локомотива во Скопје, пред околу 100 гледачи, настапија тимовите на Скопје Диви вепри (Skopje Wild Boars) и Пеќ орли (Peja Eagles).

Во крајно израмнет натпревар, полн со интересни моменти и потези, гостите од Пеќ издвојуваа победа од 24-38. Натпреварот започна со тврда игра во одбраната, но поради брзината и поголемото искуство на тимот од Пеќ, тие брзо поведоа со 0-10.

Меѓутоа, Дивите вепри се вратија брзо во игра, израмнувајќи го резултатот на полувреме од 12-12. Во второто полувреме беше воочено поголемото искуство на гостите со што крајниот резултат заврши 24-38. Поените за Дивите Вепри ги постигнаа Стефан Борозан, Димитар Нарашанов, Петар Адамчевски и Александар Смиљановски.

Македонско-косовскиот турнир во рагби се игра за првпат, и на него настапуваат Скопје диви вепри (Skopje Wild Boars), Пеќ орли (Peja Eagles) и Приштина мечки (Pristina Bears).

Турнирот е организиран од Косовската рагби федерација, со цел интензивирање и промовирање на рагбито во регионот, со подршка на македонски рагбисти.

Следниот натпревар на тимот од Скопје е во Приштина против мечките на 14 април.