Два месеца однапред продадени сите рекламни секунди за т.н. Супербол

73

Некои огласувачи платиле рекордни 5,6 милиони долари за спотови од 30 секунди

ТВ-компанијата „Фокс спортс“ соопшти дека се распродадени сите рекламни термини за т.н. Супербол, финалниот натпревар во американската Национална фудбалска лига (НФЛ), два и повеќе месеци пред настанот (мечот за титулата во американски фудбал треба да се игра на 2 февруари 2020 во Мајами). Првпат по пет години „Фокс“ ги резервирал сите термини за рекламирање, а некои огласувачи платиле рекордни 5,6 милиони долари за спотови од 30 секунди. Извршниот потпретседател за продажба на спотови во „Фокс спортс“, Сет Винтер, рече дека се продадени сите 77 рекламни термини. За минатогодишниот Супербол некои огласувачи рекламирањето во должина од 30 секунди ги чинеше 5,3 милиони долари, според „Волстрит џурнал“.

– Јасно е дека НФЛ уште е најпривлечниот медиумски настан во сите спортови и за сите телевизии. Огласувачите забележаа пораст на рејтингот во сите сегменти и не се двоумеа да соработуваат со нас и со НФЛ – вели Винтер.
Големата побарувачка за рекламирање на Суперболот е и поради тоа што НФЛ-натпреварите се меѓу најгледаните во САД, според неодамнешната студија на „Фич рејтинг“.

– Порастот на публиката на мечевите од НФЛ што почна во 2018 година и продолжува во 2019 година ја зголемува вредноста на франшизата за радиодифузерите – се вели во извештајот на „Фич“.

Сезонава е јубилејна, 100-та во историјата на НФЛ. Супербол-мечот ќе се игра по 54-ти, односно по 50-ти пат во модерната ера на НФЛ. Мечот треба да се игра на стадионот „Хард рок“ во Мајами, кој е со капацитет од 65.000 места. Мајами по 11-ти пат ќе биде домаќин на еден ваков натпревар (и ќе се израмни со Њу Орлеанс) и е избран поради пријатните временски услови во зима. Досега ниту еден тим не настапил на супербол-меч во својот град.

На полувремето гледачите на стадионот и пред ТВ-екраните ќе ги забавуваат поп-ѕвездите Џенифер Лопез и Шакира, кои првпат ќе настапат заедно.