Дарио Ивановски победник во полумаратонската трка, а Богдан Цветковски на пет километри

1691

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски е победник во полумаратонската трка на Виз Ер Скопскиот маратон со резултат од 1 час, 9 минути и 10 секунди. 

Атанас Анчевски заврши втор со 1.14.44 и трет беше Милош Ранчиќ со 1.15.56. Од жените во генералниот пласман првите три места ги земаа Миљана Ристиќ со 1.29.15, Амела Трозиќ со 1.32.22 и Силвија Шимуновиќ со 1.35.06.

По полумаратонот Ивановски изјави дека напредува и оти изминатиот период се подготвувал во Белград со многу силни атлетичари.

– Ветив малку подобар резулатат. Ветив рекорд на Македонија, но сепак не издржав бидејќи момците од Кенија воведоа многу јак ритам под три минути и наглата промена многу тешко ја поднесов и од четвртиот километaр до крај останав сам – изјави Ивановски, кој лани истрча и победи со 1 час, 11 минути и 27 секунди на полумаратонот. 

Според него, патеката е рамна, има предобра организација, но  поради топлото време е  тешко е да се направи личен рекорд на Скопскиот маратон. 

Богдан Цветковски е првиот победник на Скопскиот маратон, во трката на пет километри. 

– Лани земав прво место, а оваа година ја одбранив титулата. И ова година беше потешко доста, имаше поголемам конкуренцијата- рече  Цветковски. Додаде дека оваа година во трката на пет километри имало 7.000 учесници. Неговото време е 17 минути, 25-6 секунди. 

Трката на пет километри беше најмасовна. Кај машките натпреварувачи први беа Цветковски, Кристијан Стојани, Леонид Вандевски, а кај жените Греса Бакрачи, Марго Бојаџиева, Викторија Ѓорѓеска.

Во трката на пет километри учествуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски кој изјави дека манифестацијата била одлично организирана и масовна. 

– Ова е најмасовниот настан што се случува во Скопје годинава и се надевам дека 2019 овој маратон ќе биде уште помасовен – рече Каевски. 

Во трката учествуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски.