Горјачкина ќе ја предизвика светската првенка Венјун

122
Александра Горјачкина

Таа до големиот успех стигна на две кола пред крајот на Турнирот на кандидатките. Горјачкина е најмлада учесничка на турнирот, а се стекна со право на настап како прва резерва, откако поранешната светска првенка Хоу Јифан одби да игра

Младата 20-годишна Русинка, Александра Горјачкина (2.522 рејтинг-поени), е новата предизвикувачка на актуелната и 17-та по ред светска шаховска првенка Ју Венјун од Кина во меч што ќе се игра за награден фонд од 500.000 евра, 150 отсто повеќе од последниот шампионат. Горјачкина до големиот успех стигна на две кола пред крајот на Турнирот на кандидатките, кој моментно се игра во рускиот град Казањ.

Горјачкина во 12-то коло имаше добиена позиција против Кинезинката Жонгуи Тан (рејтинг 2.513), но откако виде дека нејзината конкурентка Русинката Катерина Лагно (рејтинг 2.554), која уште имаше шанси математички да ја стигне, загуби од Украинката Ана Музичук (рејтинг 2.539), таа се реши со повторување на потезите да освои половина поен, што ѝ беше доволно да биде и конечен победник на овој двокружен турнир. Горјачкина, која со македонската женска екипа Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Скопје, моментно успеа да се искачи на третото место на рејтинг-листата во живо и засега да ја намали разликата со водечката Венјун од 55 на 22,4 поени.
Таа е најмлада учесничка на Турнирот на кандидатките во Казањ, а се стекна со право на настап како прва резерва, откако поранешната светска првенка Хоу Јифан одби да игра.

Табела по 12-то коло: Горјачкина 9, А. Музичук 6,5, Лагно 6, М. Музичук 5,5, Тан 5,5, Џагнидѕе 5.5, Костењук 5,5, Гунина 5,5, Костењук 4,5 поени.


Четирикратната светска младинска првенка сега ќе игра и за сениорската круна

Александра Горјачкина е родена на 28 септември 1998 година во Орск, Русија. Сегашната титулата велемајстор (ВМ) ја стекнува во 2018 година, а нејзиниот највисок рејтинг е 2.537 поени, остварен во јуни година. Моментно е осма во светот од активните шахистки.

Таа е двократна шампионка на Русија, била и светска првенка во категориите до 10, 14, 18 и до 20 години, а европска шампионка до 12, 14 и до 18 години. Со Русија освојува сребро на Шаховската олимпијада во 2014 година. Шаховски тренер ѝ е нејзиниот татко, ФИДЕ-мајсторот Јури Горјачкин, а нејзината мајка е шаховски кандидат-мајстор.