Години на надеж и борба за Шумахер

375

Веста за несреќата на легендарниот возач со најмногу титули (7) во Формула 1, Михаел Шумахер, при крајот на 2013 година, стана главна вест во сите медиуми, а неговите обожаватели со страв ја очекуваат секоја нова информација врзана за неговата здравствена состојба

При крајот на минатата година (29 декември), се навршија шест години од несреќата на германскиот возач во Формула 1, Михаел Шумахер, кој настрада скијајќи на француските Алпи, откако удри со главата во камен. Исто толку години минаа во надеж и борба за неговиот живот, кој и понатаму е неизвесен, иако тогашните први информации беа дека станува збор за полесна повреда, за жал, во реалноста се покажа сосема спротивното.

Набргу веста за несреќата на легендарниот возач со најмногу титули (7) во историјата на овој спорт, стана главна вест во сите медиуми, а неговите обожаватели секојдневно со страв ја очекуваат секоја нова информација поврзана за неговата здравствена состојба. А оттаму речиси секогаш стигнуваа информации дека Шумахер се бори за живот и дека постои опасност веќе никогаш и да не се разбуди од кома. Следуваа тешки и долги периоди за неговата здравствена состојба, а јавноста беше информирана преку соопштенија, почнувајќи од 30 декември 2013 г., па до денес. Ќе се потсетиме на дел од хронологијата на тие соопштенија.

На 2 јануари 2014 г. беше најтажниот роденден на Шумахер, а во болницата каде што беше сместен, стигнуваа многу пораки за поддршка. На 2 март вестите не се добри. Неврохирурзите се плашат дека Михаел веќе никогаш нема во целост да закрепне и дека само чудо може да го спаси. На 12 март 2014 г., стигнува првата охрабрувачка информација за Шумахер, за мало подобрување на состојбата, иако тој тогаш има само 55 кг. На 3 април, пак, менаџерката на Михаел потврдува дека тој покажува знаци на подобрување и дека не е вистина оти е во вегетативна состојба. Следниот ден Сабине Кем известува дека Шумахер на моменти се буди и дека е свесен. Кон средината на јуни 2014 година, тој е префрлен од интензивна нега на Одделот за рехабилитација.

Неизвесноста и понатаму лебди. На 16 јуни 2014 година германскиот ас при свест ја напушта болницата во Гренобл и се префрла во Универзитетската болница во Лозана. На 9 септември 2014 г. е префрлен од Лозана во својот дом во Гланд, во Швајцарија. Во јуни неговата состојба е многу тешка, ќе изјави неговата портпаролка, а во март 2018 година неврохирургот Колин Шиф, кој не го лекувал Шумахер, ќе изјави дека неговата состојба не може битно да се поправи, но врз база на своето искуство, проценил дека во вакви случаи придвижувањата напред речиси и не се случуваат.

Во август 2018 г. се појави вест дека сопругата на Шумахер, Корина, купила голем посед на Мајорка (вреден 30 милиони евра) и дека таму ќе се пресели Михаел. Во декември лани, Корина изјави дека големите работи почнуваат со мали чекори…
Останува да видиме дали годинава ќе се остварат нејзините желби, односно дали здравствената состојба на Шумахер конечно ќе оди во нагорна линија, до целосно стабилизирање. 


Импресивна кариера полна со рекорди

Михаел Шумахер е роден на 3 јануари 1969 година. Тој е најуспешен возач во Формула 1 со седум титули светски првак (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004 година). Двапати бил спортист на Германија (во 2003 и 2004). Возел за екипите на Џордан, Бенетон, Ферари и Мерцедес. Настапил на 307 трки, забележал 91 победа, на подиумот се искачил 155 пати, 77 пати извозел најбрз круг, 68 пати имал стартна позиција. Во 2004 година имал најмногу победи, 13, а во 2002 година станал единствен возач во историјата на овој спорт, кој по секоја трка се искачувал на подиумот. Првиот настап му е на големата награда (ГН) на Белгија во 1991 г., првата победа на истата трка следната година, последната победа на ГН на Кина во 2006 година, а последната трка ја возел 2012-та во Бразил.