Гејмерите се сѐ попопуларни, но уште се далеку од олимписките игри

77
Бах за време на форумот со врвните играчи во е-спортот, директори и организатори на турнири

ИОК размислува да го вклучи и е-спортот на некои од следните летни олимписки игри, но не пред Лос Анџелес во 2028 година

Како најбрзорастечки спорт во светот, видеоигрите, електронскиот спорт или е-спортот, од година на година привлекува сѐ поголемо внимание. Деновиве во Лозана, во седиштето на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) се одржаа неколку состаноци меѓу челниците на ИОК, врвните играчи во е-спортот, директори и организатори на турнири.

Тоа беше своевиден сигнал дека ИОК сѐ посериозно го сфаќа тој спорт, иако некои сѐ уште се скептични околу идејата гејмерите да се сметаат за спортисти. Но ако сѐ оди според сегашната динамика нема да биде никакво изненадување доколку видеоигрите бидат дел од Летните олимписки игри (ЛОИ) за десетина години.
– На состанокот дојдовме со многу отворен ум, сакаме да слушаме, сакаме да учиме – Томас Бах, изјави претседателот на ИОК.

Причината за интересирањето на ИОК за е-спортот е очигледна. Пред сѐ, тоа е затоа што е-спортот е во голем пораст, особено меѓу младите луѓе. Нивните натпревари ги полнат стадионите, а врвните гејмери заработуваат големи пари. Но во ИОК сѐ уште нема целосна согласност околу тоа дали видеоигрите треба да се сметаат за „спорт“, иако постојат некои комплементарни работи.

– Професионалните гејмери се подготвуваат и се натпреваруваат на посебен начин, но потребна им е и добра физичка подготвеност, која може да се спореди со онаа во потрадиционалните спортови. Потребна им е долготрајна концентрација, потребна е брза реакција, потребно е тактичко разбирање, треба да се биде не само психички, туку и физички добро подготвен. Тоа е мое лично мислење со кое некои не се согласуваат – рече помирливо Бах.

Сепак, долг е патот пред е-спортот да биде вклучен на ЛОИ. Бах вели дека нема шанси тоа да се случи во Токио во 2020 година или во Париз во 2024-та, но не го отфрла Лос Анџелес во 2028 година.

Во моментов, без обединета организација, која ги надгледува сите е-спортови, тешко е да се разбере кои видеоигри би биле вклучени на ЛОИ. Сигурно е дека нема да се разгледуваат игрите што промовираат насилство или каква било дискриминација. Потребна е и респектабилна меѓународна федерација што би гарантирала почитување на правилата и на регулативите на олимпизмот.

Во меѓувреме е-спортот ќе биде дел од Азиските игри (АИ) годинава, што ќе се одржат во Џакарта, Индонезија (од 18 август до 2 септември), како демонстрациски спорт. На следните АИ 2022 во Хангжу, Кина, е-спортот ќе биде дел од натпреварувачката програма и најдобрите ќе добиваат медали.


Е-спортот е бизнис со многу пари

Предвидувањата на познавачите на случувањата во е-спортот се дека му претстои светла иднина. Проекциите на фирмата „Супердата рисрч“ велат дека приходите во индустријата на е-спортот до 2020 година ќе достигнат над две милијарди долари што е огромен пораст со оглед на фактот дека моментно тие не се ни една милијарда. Годинава треба да се „свртат“ околу 900 милиони долари од кои најмногу, 38 отсто (околу 350 милиони долари), се однесуваат на Северна Америка, САД и на Канада, а на Кина 18 отсто или 170 милиони долари. Во 2017 година низ светот имало околу 600 големи турнири, а заработката само од влезници достигнала 60 милиони долари, двојно повеќе отколку во 2016-та. Вкупниот награден фонд лани изнесувал 115 милиони долари.


Нови трендови и „мобилни игри“

Се јавуваат нови трендови во е-спортот, како што се „мобилните игри“ на паметните телефони. Игрите на мобилните апликации уште не се сметаат за вистински конкуренти на е-спортот, но со брзиот раст на технологијата тоа би требало да се промени и разликите да ги снема. Е-спортот веќе е во џебовите на милиони, на милијарда луѓе, иако тоа некои и не го знаат. Мобилниот е-спорт носи нови предизвици, нови можности и шанси. Можете да се натпреварувате независно од локацијата доколку има добра интернет-врска што во денешно време не е никаков проблем.
Една од главните забелешки на мобилниот е-спорт е дека, наводно, не бара поголема механичка вештина како кога се игра на компјутер или на конзоли. Повеќе се игра со глава, со ум, но прашањето е до кога ќе биде така, бидејќи развојот на технологијата отвора нови можности.


Награден фонд поголем од „Вимблдон“

Според сајтот „Е-спорт.заработка“, најмногу пари на турнирите во 2017 година заработиле играчите од Кина (2.474 на број), вкупно околу 66,9 милиони долари. На второто место се оние од САД, со околу 61,1 милион долари, но распоредени на 9.410 играчи, потоа доаѓа Јужна Кореја со околу 56,7 милиони долари на 2.485 играчи. Најголема заработка доаѓа од играта „Дота 2“, како и од „Лигата на легендите“ односно 84 од 100 најплатени играчи учествуваат на тие турнири. Ланскиот интернационален турнир „Дота 2“ имал награден фонд од 24.687.919 долари. За споредба, наградниот фонд на тенискиот турнир на Вимблдон лани изнесувал 24.360.000 долари, а на велосипедскиот Тур де Франс, 2,3 милиони долари.