Георгиев: Можеме да се пласираме во Врвната дивизија

265
ВМ Кирил Георгиев

Италија, Естонија, Јордан, Португалија, Швајцарија, Албанија, Шпанија, Холандија и Словенија ѝ се ривали на Македонија во Дивизијата 2

ПРВА ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Репрезентациите на Италија, Естонија, Јордан, Португалија, Швајцарија, Албанија, Шпанија, Холандија и Словенија ѝ се ривали на Македонија на првата Шаховска олимпијада (ШО) што се игра преку интернет, а е во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). ШО е веќе започна со дуелите во т.н. Основна дивизија. Македонија е сместена во Дивизијата 2 и нејзините мечеви се од 14 до 16 август, односно по три секој ден.
Македонија има просечен рејтинг на играчите од 2.224 поени и е на стартната 36-та позиција. Од македонските ривали во Дивизија 2 (група Ц), Холандија (2.387), Италија (2.360), Шпанија (2.375) и Словенија (2.270) имаат поголем рејтинг од Македонија.
– Треба да се боримe докрај во секoja партија. Имаме силни играчи и можеме да се пласираме во повисоката – Врвна дивизија. А за да успееме во тоа, треба да го дадеме максимумот од нашите можности во секој меч, а се надевам дека и среќата ќе биде на наша страна. Од ривалите, Италија игра во најсилниот состав, но ние ќе се потрудиме на првиот ден да ги победиме, што не е невозможно, а истото тоа да го сториме со Естонија и со Јордан.

Нормално јас се подготвувам секој ден играјќи партии со забрзано и брзо темпо. За првото место, веројатно, ќе конкурираат Русија, Кина и САД, но реални шанси имаат и Индија, Украина и многу други силни селекции – оптимист е најдобриот македонски шахист, ВМ Кирил Георгиев, кој е рангиран на 30-то место на оваа ШО.
Вкупно 163 репрезентации ќе настапат на оваа ШО. Редовната ШО е одложена за в година поради пандемијата на коронавирусот. Онлајн олимпијадата треба да се игра до 30 август годинава и тоа со брзо темпо (15 минути плус пет секунди по секој потег по играч). Секоја репрезентација се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви и капитен, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или помлади.

Според системот на натпревари од Дивизијата 4, најдобрите 15 ќе се пласираат во повисок ранг, каде што ќе играат вкупно 50 селекции. Од Дивизијата 3 првите 15 ќе се пласираат во Дивизијата 2 каде што, исто така, ќе настапат вкупно 50 селекции (дуелите се од 14 до 16 август). Од таа дивизија, каде што е и Македонија, првопласираните 15 ќе се најдат во т.н. Врвна дивизија, во која ќе има вкупно 40 репрезентации (мечеви од 19 до 23 август). По ова следува плејоф, со финале на 30 август.
Во Врвната дивизија водечка, според просечниот рејтинг, е Русија (2.599), а следуваат Кина (2.595), САД (2.535), Ерменија (2.453), Украина (2.441) итн. Шахист со највисок рејтинг во забрзан шах на ШО е Кинезот Динг Лирен (2.836).


Македонија состав
ВМ Кирил Георгиев (2.666 р. поени), ИМ Дејан Стојановски (2.491), ЖФМ Моника Стојковска (2.069), Бојана Бејатовиќ (2.049), ИМ Тони Лазов (2.358), Ивана Манова (1.717), ИМ Филип Панчевски (2.529), ИМ Никола Николовски (2.430), ЖИМ Габриела Коскоска (2.012), ЖФМ Весна Секуловска (2.089), Емил Ристески (2.035) и Леа Евтовска (1.392)

Распоред на натпревари
ПЕТОК
1. коло: Македонија – Италија
2. коло: Естонија – Македонија
3. коло: Македонија – Јордан
САБОТА
4. коло: Португалија – Македонија
5. коло: Македонија – Швајцарија
6. коло: Албанија – Македонија
НЕДЕЛА
7. коло: Македонија – Шпанија
8. коло: Македонија – Холандија
9. коло: Словенија – Македонија

[email protected]